Претседателот на Собранието на град Скопје, Трајко Славески денеска изјави дека не е собран потребниот број на советнички потписи за свикување на вонредна седница и нема услови за свикување на истата, откако претходно советниците од СДСМ, ДОМ и ЛДП побараа итна седница на која скопските градски власти ќе донесат мерки за справување со загадувањето на воздухот во Скопје.
„Во однос на барањето на советниците на СДСМ за свикување на вонредна седница на која ќе се дискутира за препораки во борбата против загадениот воздух во текот на денешниот ден од кабинетот на градоначалникот добив писмен одговор и мислење за предложените препораки и се изразува уверување дека градот Скопје веќе презема голем дел на среднорочни и долгорочни мерки во борбата против загадениот воздух“, информираше денеска Славески.
Тој додава дека не е собран потребниот број на советнички потписи за свикување на вонредна седница пропишан со деловникот на Град Скопје, но и побара од партиите да се воздржат од правење политика и терање популизам на една ваква чувствителна тема која ги засега сите граѓани на главниот град.
„Апелирам на соодветна државна реакција, каде ќе биде имплементирана координирана акција на сет од мерки за намалување на загаденоста на воздухот која подеднакво сите не засега“, порачува претседателот на Советот на град Скопје.
Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на град Скопје, Љубица Јанчева и денеска ги повика советниците од Зелен хуман град, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ да дадат поддршка за свикување на вонредна седница на градскиот совет, на која би се донеле итните мерки што ги предлагаат социјалдемократите. Таа нагласи дека согласно деловникот за работа на Советот, ако на иницијатива за вонредна седница се потпишат една третина, односно 15 советници, седницата мора да се одржи.
„Секој советник да преземе одговорност и на вонредна седница на Советот да дискутираме и да донесеме мерки и решенија кои ќе обезбедат почист воздух. Состојбата со загадувањето е алармантна, а последиците по јавното здравје се сериозни, потребни се итни решенија. Да ја оставиме дневната политика на страна и да донесеме одлуки кои ќе се во интерес на сите граѓани, кои ќе значат почист воздух и здрава животна средина во Скопје“, изјави Љубица Јанчева од СДСМ.
Од Зелен хуман град пак вчера посочија дека ја прифаќаат иницијативата за вонредна седница на Советот на град Скопје во врска со аерозагадувањето, но не се согласуваат со дел од предложените мерки од СДСМ за дневен ред на вонредната седница. Дневниот ред не може да се менува на вонредна седница, велат од Зелен хуман град, па велат дека би поддржале одржување вонредна седница само ако постои согласност за измена на предлог-точките, со цел тие да нудат вистинско решение за загадувањето на воздухот.
Во функција на намалување на аерозагадувањето, од СДСМ предложија итно зголемување на бројот на автобуси на сите линии во јавниот градски превоз, воведување бесплатен превоз за сите граѓани во Скопје, зголемување на средствата за борба против загадувањето од градскиот буџет, финансиска помош за училиштата за адаптирање на системот за затоплување на еколошки енергенси, изготвување акциски план за чистење на сите депонии во Скопје, чистење/миење на улиците и јавните површини со цистерни, како и безусловно интензивно постапување на инспекторите во вршењето на својата должност.
