fbpx

Реката Вардар е место за фрлање отпад и извор на болести, ќе успееме ли да го прочистиме до 2026 година? (видео)

-

Бактериолошки во највисока четврта категорија на загадување, додека хемиски може да се случи да биде меѓу четврта и петта категорија на загадување во зависност од годишното време и водостојот. Ова е тажниот резултат од испитувањето на квалитетот на водите на реката Вардар во Скопскиот регион, којшто со години наназад го добива доктор Љупчо Костадиновски, специјалист по хигиена и здравствена екологија од Центарот за јавно здравје – Скопје. Тие имаат за задача да земат 70 мостри годишно од водите на реките Вардар, Треска, Лепенец и Пчиња за испитување на квалитетот на овие површински води.

– Водата е толку загадена, што дури и не се приметува многу разликата. Со факти можам да покажам дека и кај браната Треска е четврта категорија уште пред да влезе во Скопје – вели за „Мета.мк“ докторот Костадиновски.

Тој укажува дека најопасно подрачје во однос на загаденоста на речните води во Скопскиот регион е делот на реката Вардар, на потегот од Сајмиште кон ОХИС и Трубарево. Во ова подрачје, во Вардар веќе се испуштени непречистените отпадни води од домаќинствата и компаниите во главниот град, а тука постојат и други загадувачи кои ја третираат оваа река како депонија, која може да прими секакво загадување.

Ѓубре и фекалии може секој да фрла, кога сака и каде сака

Заедно со доктор Љупчо Костадиновски, екипа на „Мета.мк“ направи обиколка на реката Вардар во населените места Трубарево, Јурумлери и Горно Лисиче. Тешко е да се пронајдат адекватни зборови за гнасотиите што ги увидовме на терен. Отидовме ненајавени, а затекнавме два трактори со цистерни на различни локации, кои испуштаа фекалии од празнењето на септичките јами, директно во реката Вардар.

Ѓубре се фрла долж течението на Вардар. Кој каде стигне, депонии има на секој чекор; Фото: Бојан Блажевски

Од разговорот што го направивме со еден од двајцата возачи во Трубарево, добивме впечаток дека испуштањето на фекалиите во Вардар е секојдневие во ова населено место во Скопје. Но, тоа не е случај само во Трубарево. Македонскиот главен град е единствениот главен град во Европа кој нема изградено пречистителна станица за отпадни води. Наместо со трактори, канализационата мрежа во Центар, Карпош и другите скопски општини ги носи отпадните води директно во самата река.

Сепак, од нашата теренска обиколка добивме комплетната слика за степенот на загадување. Безброј помали и поголеми депонии од отпад лоцирани веднаш до самата река. Од мрши од животни, градежен шут, органски отпад, остатоци од телевизори и компјутери и облека до вирови со темно зелени течности со остар мирис и комарци околу нив. Вистинска еколошка бомба, која е само прашање на време какви здравствени последици може да предизвика по населението.

Отпадни води „пливаат“ во коритото на реката Вардар во Горно Лисиче; Фото: Бојан Блажевски

Поради ваквата состојба, од Центарот за јавно здравје-Скопје апелираат до граѓаните да не ги користат речните води на Вардар, Треска, Лепенец и Пчиња во Скопскиот регион за ниту една потреба, вклучувајќи капење, наводнување на земјоделските површини, ловење риба за исхрана и користење на бунарите за вода за пиење што се наоѓаат до самите реки.

– Треба да се посочи дека одредени луѓе по течението на овие реки имаат бунари за пиење на вода. Тие бунари се несигурни – потенцира докторот Љупчо Костадиновски.

И покрај бројните апели, на скопските пазари може да се купат лук, кромид, спанаќ, зелена салата и други производи од приградските населени места на Скопје. Делови од општините Сарај, Ѓорче Петров и целиот регион на Скопското поле традиционално се занимаваат со земјоделство, а на терен може да се види дека некои ниви се наводнуваат со црева директно од реките.

– Забрането е секакво полевање на земјоделските култури, без разлика дали станува збор за кромид, лук, зелка, домати и слично. Со полевање на загадена вода на овие култури, стеблото и самиот плод може да се загади, а сите ние зборуваме за органско потекло на производите – дециден е докторот Љупчо Костадиновски.

Покрај од Центарот за јавно здравје-Скопје, борба за спречување на загадувањето на реките водат и граѓанските активисти и еколозите. „О2 Иницијатива“ во изминативе месеци во неколку наврати алармираше за загадувањето на водите на Вардар. За последен пат, тие јавно објавија на „Фејсбук“ дека граѓаните забележале испуштање на течност со жолтеникаво-црвенкаста боја на 9 април наутро.

– За жал, колку често се случуваат вакви инциденти дознаваме само од кога ќе се појават слики по социјалните мрежи со видливо загадување и сведочења на граѓани – вели Невена Георгиевска, претставник на „О2 Иницијатива“.

Таа посочува дека во рок од осум месеци, имало два случаи на видливо загадување на реката Вардар, при што во првиот случај во септември 2019 година беше пронајден и виновникот, но остана прашањето за тоа дали е наплатена казната во висина од 100.000 евра. Невена Георгиевска посочува дека има граѓани кои алармираат за загадувањето на речните води, но постои целосна нефункционалност на институциите поради недоречености и нелогични толкувања на законите.

Ѓубрето се собира на секој мост или друга препрека во реката. Вардар кај Јурумлери; Фото: Бојан Блажевски

Како пример, таа ги потенцира измените во законот за инспекциска контрола, каде што инспекторите мора да се најавуваат кога одат во контрола.

– Се донесе закон со кој се намали висината на прекршоците за 75 отсто, така што целокупниот однос на институциите кон загадувањето и загадувачите е буквално заштитнички – вели Георгиевска.

И Љупчо Костадиновски од Центарот за јавно здравје-Скопје вели дека тие имаат мала или скоро никаква соработка со општините и со комуналните инспектори, а би требало да имаат средби барем еднаш или два пати годишно. Тој тврди дека никогаш не е касно да се преземат мерки за подобрување на квалитетот на површинските води.

– Би сакал еднаш да излеземе во јавност и да кажеме дека квалитетот на водата е подобрен – дециден е докторот Костадиновски.

За да влеземе во ЕУ, отпадните води ќе мора да ги пречистуваме

Професорот Петко Пеливаноски од Катедрата за водоснабдување, канализација и мелиорации на Градежниот факултет при УКИМ вели дека Европската Комисија уште во 1991 година има донесено Директива за урбани отпадни води (91/271 EEC), при што во членот 5 од истата е поставена времена рамка за неопходноста од изградба на станици за пречистување на отпадните води за поголемите населени места во состав на државите-членки на ЕУ.

– Со временската рамка се наложува на сите членки на ЕУ во тогашниот состав, најкасно до декември 2000 година да изградат станици за пречистување на отпадните води за населени места поголеми од 15.000 жители – вели за „Мета.мк“ професорот Пеливаноски.

Бидејќи Македонија се стреми да стане земја-членка на ЕУ, потребата од изградба на станица за пречистување на отпадните води постои не само за Скопје, туку и за другите градови во земјава. Во последните неколку години се изградени вакви инфраструктурни објекти во Куманово, Берово, Струмица, Радовиш, Кичево, Гевгелија, Прилеп и Кочани. Сепак, во некои поголеми општини, како што се Скопје, Тетово, Гостивар, Битола, Штип, Велес и Кавадарци, пречистителните станици треба допрва да се градат.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека загрижувачки 72,2 отсто од вкупното количество на создадени отпадни води во 2018 година се испуштиле непречистени во подземните и надземните води во земјава. Во 2018 година се забележува зголемување на обемот на пречистување на отпадните води, чиј износ достигнал 30.783.000 метри кубни.

Сепак, непречистени во водотеците и во подземните води во 2018 година се влеале 80.038.000 метри кубни отпадни води. Ако се земе во предвид фактот дека една цистерна има капацитет да собере 6 или 12 метри кубни фекални води, излегува дека во нашите реки, акумулации и подземни води годишно истураме во просек над 6,6 милиони вакви цистерни преполни со непречистени отпадни води! Овие податоци многу јасно ја покажуваат причината поради која час поскоро треба да се инвестира во пречистителни станици за отпадни води.

Професорот Пеливаноски укажува дека станиците за пречистување на отпадните води се комплексни системи, за чија реализација се потребни доста високи капитални инвестиции, но и високи оперативни трошоци во експлоатација на системот. Тој укажува на фактот дека на светскиот пазар е присутен широк дијапазон на повеќе и помалку прифатени технологии и треба да бидеме доста внимателни при нивното прифаќање и имплементирање.

– Сè посериозно се наметнува потребата од примена на етаблирани технологии, кои истовремено нудат сигурно и стабилно управување, кои нема да продуцираат високи оперативни трошоци, технологии кои ќе бидат гарант за постигнување на потребниот квалитет на ефлуентот во согласност со Европската директива за урбани отпадни води – вели професорот Петко Пеливаноски.

Скопје ја чека ветената пречистителна станица

Владата на крајот од минатата година ги обезбеди средствата неопходни за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје. Проектот е вреден 136 милиони евра, ќе се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка и со неповратни средства од 11 милиони евра од двете банки. Капиталниот објект ќе се гради во близина на населеното место Трубарево, а до локацијата ќе се доведуваат отпадните води од цело Скопје преку двата колектори, кои во моментов се градат.

Градските власти во моментов ги градат двата колектора, кои треба да ги доведуваат отпадните води до идната пречистителната станица кај Трубарево; Фото: Бојан Блажевски

Од Министерството за животна средина и просторно планирање за „Мета.мк“ информираат дека веќе е објавен тендерот за надзор над работите за изградба на оваа пречистителна станица и во моментов е во завршна фаза евалуацијата на понудите. Претстојново лето треба да се објави постапката за предквалификација за избор на најдобар понудувач за изградба на капиталниот објект, кој треба да ги прочистува фекалиите на над половина милион жители на Скопје. Како инвеститор во проектот се јавува ЈП „Водовод и канализација“-Скопје.

– Отпочнувањето на градежните работи за пречистителната станица во Град Скопје се планира за крајот на 2021 година, согласно физибилити студијата, предвидената динамика за изградба на пречистителната станица изнесува 5 години – информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Штом се заврши во 2026 година, станицата за пречистување на отпадните води ќе врши прочистување на отпадните води од 9 од вкупно 10 скопски општини. Пречистените води ќе се испуштаат во реката Вардар, со што се очекува да се подобри квалитетот на водите и да се доведат во втора категорија. На овој начин, би се заштитил животинскиот и растителниот свет во и околу реката Вардар, земјоделските површини би било дозволено да се полеваат со речната вода, додека уловената риба ќе биде безбедна за јадење. Со прочистувањето на отпадните води, реално е да се очекува властите да дозволат капење во реките и спортски активности.

Без едуцирање и казни, џабе се градат пречистителни станици

Сепак, експертите предупредуваат дека ние сме далеку од ваквата идеална состојба. Докторот Љупчо Костадиновски апелира на зголемување на свеста на граѓаните за значењето што го имаат реките. Мора да се работи повеќе со граѓаните преку кампањи на општинско ниво, да се едуцираат луѓето дека не смеат да фрлаат ѓубре во и околу реките, додека фекалиите не смеат непречистени да се испуштаат во реките.

– Да ставиме и пет пречистителни станици, ќе се изложиме на високи трошоци, но ако свеста на граѓаните не е на потребното ниво, тогаш ништо не сме направиле – дециден е докторот Костадиновски.

И тој и активистката Невена Георгиевска бараат општините и државата преку инспекторите и надлежните институции да си ја вршат својата работа на контрола и казнување на несовесните граѓани и компании.

– Не е поентата само ние да повторуваме цело време дека водата е загадена и дека не смее да се користи, мора да има правила и казнени мерки и треба тие да се спроведуваат. Теорија имаме, во пракса не се прави тоа – поентира доктор Љупчо Костадиновски.

Автор: Бојан Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...