Пречистителната станица за отпадни води во Скопје е планирано да почне да се гради на крајот од 2021 година. За капиталниот објект што ќе биде лоциран во близина на селото Трубарево во следните два месеци треба да се објави постапка за предквалификација за избор на најдобар понудувач за изведување на градежните работи, а веќе е објавена постапката за предквалификација за избор на надзорот, информираат од ЈП „Водовод и канализација“- Скопје, кои се јавуваат како инвеститор во овој проект.

„Откако ќе се завршат постапките за предквалификација за избор на понудувачи за надзор и изведба на работите на проектот, следува фазата на објавување на Меѓународниот повик за избор на најдобри изведувачи во двата сегмента“, велат од ова јавно претпријатие.

Избраниот изведувач на пречистителната станица ќе треба да ја изготви и проектната документација за идниот објект, во кој ќе се собираат и прочистуваат фекалиите на над половина милион жители на главниот град. Скопските градски власти досега успеале да изградат околу 60 отсто од колекторските системи по левиот и десниот брег на реката Вардар, кои ќе овозможат одведување на скопските отпадни води до идниот објект во Трубарево.

Проектот за изградба на пречистителната станица за отпадни води во Скопје е со вкупна вредност од 136 милиони евра. Владата на крајот од минатата година ги потпиша договорите за заем со Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициона банка, а се обезбедија и неповратни средства од 11 милиони евра за изградба на објектот од двете банки.

Идната пречистителна станица за отпадни води во Скопје треба да биде изградена до крајот на 2026 година доколку се следи предвидената динамика на изведба од пет години. Овој објект треба да овозможи подобрување на квалитетот на речните води на Вардар во Скопскиот регион, кои во моментов се наоѓаат во најниските хемиски и бактериолошки класи за квалитет на водите. Една од главните причини за лошиот квалитет на овие води е директното испуштање на фекалиите од скопските домаќинства и компании како непречистени во Вардар.