Разговор со дел од добитниците на наградите на НМСМ: „Младите се двигател на општествените промени и реформи“

НМСМ награди
фото: НМСМ

Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) ги објави добитниците на Наградите за младинско учество кои ги доделува во рамки на проектот на УСАИД за граѓанско учество. Наградите беа доделени на млади индивидуалци, неформални групи на млади и младински организации кои дале придонес кон општеството преку активно граѓанско учество.

„Мета.мк“ разговараше со дел од победниците во категориите.

Во категоријата за младински организации, покрај My Life, добитник на наградата е и Здружението за афирмација на уметноста – Флуктус. Позади ова здружение стојат Ангела Стојановска, Васко Костовски и Христијан Поп-Симонов.

Флуктус
Фото: Флуктус

„Флуктус е резултат на нашата потреба да имаме креативен простор – во преносна смисла повеќе отколку физичка, каде би можеле од концепт до финална реализација да ги материјализираме сите видови на идеи за проекти- почнувајќи од претстави, па до аудио, видео и мултимедијални проекти. Нашиот најнов проект е развивањето на платформата за аудиокниги „Самоглас“, подвиг кој го реализираме заедно со Мартин Тасевски кој е програмерот кој стои зад кодот на платформата и со Петар Антевски кој го води присуството на социјалните мрежи“, вели Христијан од Флуктус.

Проектот „Самоглас“ претставува веб платформа за аудио книги на македонски јазик, каде можат да се најдат десетици наслови на книги од домашни и странски автори. Од Флуктус велат дека платформата наишла на добар одзив уште од самиот почеток, а најголем интерес има за слушање на лектирите кои се обработуваат во основно и во средно образование.

Самоглас
Самоглас / фото: Самоглас

„Согледувајќи го падот на просечната оценка во основното и средното образование решивме на некој начин да го примениме она што ние како актери најмногу го користиме, а тоа е гласот, во нешто што ќе биде од општествена корист и од корист на учениците, секако. Но и не само за нив, оваа платформа е од особена корист за слепите и лица со оштетен вид, како и за лицата со дислексија. Поради сето ова бевме длабоко убедени дека одзивот кај публиката ќе биде прилично добар. Воопшто не очекувавме дека тој ќе биде огромен и мошне позитивен, бидејќи за само една недела од пласирањето на Самоглас, ние имавме повеќе од две илјади регистрирани корисници на самата веб платформа“, вели Васко.

Samoglas
Дел од понудата на книги на „Самоглас“ / фото: Самоглас

Добивањето на Наградата за младинско учество за нив претставува уште поголем поттик за да продолжат со развојот на Самоглас.

„Тоа што луѓе одделиле 2-3 минути за да гласаат за нашата работа, затоа што препознале дека тоа што го правиме е добро, е нешто што не може, а да не нè направи среќни. Во однос на номинацијата, Здружението за дислексија Ајнштајн нè номинираше за оваа награда. Со нив се запознавме пред две години, кога започнавме со истражување за платформата за аудио книги, оттогаш тие ни имаат пружено неизмерна поддршка во секој чекор од работата на Самоглас“, вели Ангела.

Сите планови кои ги имаат во блиска иднина се поврзани со развојот на „Самоглас“,  а најавуваат пуштање во употреба и на мобилна апликација до крајот на годинава.

Еден од добитниците на наградата за неформални групи на млади е иницијативата S.H.A.R.E. – Speak Honestly And Resolve Everything, која е составена од седум млади креативци со пасија за општествена промена. SHARE има спроведено многубројни работилници и настани и има остварено многубројни соработки, како што велат, сите со една цел – кршење на стигмата за менталното здравје и поттик на младите за отворено споделување на проблемите.

SHARE
фото: НМСМ

„Идејата за иницијатива чиј фокус е менталното здравје произлезе од наши лични искуства, како и споделувањето на истите. По долги разговори за потенцијални проблеми кои сакаме да ги таргетираме, увидовме дека секој од нас се соочува со генерално слични проблеми и предизвици кои за жал ги потиснуваме и на крајот резултираат со фрустрација и незадоволство. Со цел да се намали застапеноста на ова сценарио ние бевме мотивирани за спроведување иницијатива чија цел е дестигматизирање на прашања поврзани со ментално здравје како и поттикнување на отворено говорење за адолесцентски проблеми“, вели Ивона Минчева од SHARE.

Таа вели дека признанието што го добиле од НМСМ е потсетник дека младите можат да бидат и се двигател на општествените промени и реформи.

„Без сомнение може да кажеме дека оваа награда за нас претставува поттик за понатамошна работа и создавање нешто поголемо бидејќи е доказ за моќта која може да ја имаат младите сплотени сили. Сепак, ние сме млади и сме гласот на младите во оваа борба за дестигматизација на менталното здраје. Оттука, ова признание е доказ дека младите умеат да влеат доверба кај своите врсници и пошироко како и да имаат позитивен импакт врз истите“, додава Минчева.

SHARE
фото: S.H.A.R.E

Од иницијативата SHARЕ упатуваат благодарност до нивниот ментор Симона Стојчевска за номинацијата за наградата и за нејзиниот ангажман. Додаваат дека сега се стремат кон создавање на нешто поголемо и трајно кое би било од корист за сите млади во државата.

Тие наградата за неформални групи за млади ја делат со 3D Print Medical Equipment, група на волонтери собрани околу идејата за изработка на 3Д медицинска заштитна опрема. Тие доделија илјадници заштитни маски-везири на државни институции и на места каде што беа потребни.

Целиот волонтерски проект на овие млади луѓе се финансира исклучиво од донации, додека тие самите се ангажираат за набавката, изработката и дистрибуцијата на опремата.

3d Print Medial Equipment
фото: 3D Print Medical Equipment