Аргентина вчера избра нов претседател, кој на земјата ќе ѝ донесе нова неизвесност. Радикално десничарскиот популист Хавиер Милеи беше избран за следниот лидер на втората по големина економија во Јужна Америка, јавува Јуроњуз.
Хавиер Милеи победи на претседателските избори во Аргентина со освоени 55,69 отсто од гласовите, победувајќи го неговиот противкандидат и министер за економија Серхио Маса, кој освои 44,31 отсто од гласовите.
Екстремно десничарскиот слободарски популист ги освои сите, освен три од 24-те провинции на нацијата, а неговиот противкандидат го призна поразот.
Ветувањето на десничарскиот популист за ненадејна и сериозна промена во земјата одекна кај Аргентинците, кои се уморни од годишната инфлација, која се искачи над 140 отсто и стапката на сиромаштија која достигна 40 отсто. Тој ќе ја преземе власта на 10 декември.
Откако ќе дојде на функцијата, Милеи рече дека ќе ги намали владините трошоци, ќе ја доларизира економијата и ќе ја елиминира Централната банка, како и клучните министерства, вклучително и оние за здравство и образование.
Обожавателот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, исто така, се претстави како борец против “лагите” на глобалниот социјализам, навестувајќи дека има планови да ја исчисти владата од корумпираните политичари од естаблишментот.
Меѓутоа, во неделите пред вториот круг, тој се повлече од некои од неговите понепопуларни предлози, како што се олабавување на контролата на оружјето и опширна приватизација во Аргентина.
Поддржувачите славеа во неделата вечерта пред седиштето на Милеи во центарот на Буенос Аирес, пиејќи пиво и скандирајќи додека огнометот одекнуваше над нивните глави. Тие вееја и аргентински знамиња и жолти знамиња.
Со одземање на моќта од перонистичката партија на Маса, која со децении доминираше во аргентинската политика, победата на Милеи претставува промена на политичката парадигма во земјата.
Тој е првиот аутсајдер кој стигнал до претседателската функција и е порадикален десничар од кој било што досега ја извршувал оваа позиција.
Во пресрет на гласањето, Маса и неговите сојузници ги предупредија Аргентинците дека планот на неговиот противник да ги елиминира клучните министерства и инаку остро да ја ограничи државата, ќе ги загрози јавните услуги, вклучително здравството и образованието, како и програмите за социјална помош, на кои многумина се потпираат.
Милеи го обвини својот противник дека водел „кампања на страв“ и вети дека нема да ги приватизира образованието, здравството или фудбалските клубови во Аргентина.