fbpx

Путин не го спасува светот од ,,длабоката држава”, туку води агресорска војна во Украина

Истражувачот на екстремистичките наративи, Аби Ричардс, вели дека кога циркулираат лажни наративи, тоа може да има вистински последици за оние на кои им се наштетува, во случајот Украина

-

Според описот на истражувачкиот портал Белингкет, Кјуанон е теорија на заговор која што лажно тврди дека екс-американскиот претседател Доналд Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). И покрај тоа што Трамп не е претседател и предвидувањата на Кјуанон не се остваруваат, конспирацијата продолжува да влече нови следбеници. Белингкет уште во април 2022 година пишува дека повеќето од поддржувачите на Кјуанон го сметаат Путин за херој кој се бори „на страната на Трамп“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Има многу начини за елиминирање на сатанистите од длабоката држава за големите, масовни злосторства извршени над човештвото, но многу битно за опстојување на човештвото е што побргу реализирање на еден од тие начини.

Потоа како контекст на ова толкување, се споделува видео материјал на кој се гледа претседателот на Русија, Владимир Путин, како пука додека на екранот се менуваат ликовите на американскиот претседател Џо Бајден, украинскиот претседател Володимир Зеленски, Клаус Шваб, Ентони Фаучи (американски експерт за заразни болести актуелен во ковид пандемијата), Џастин Трудо (канадски премиер), Бил Гејтс, Ентони Албанес (премиер на Австралија) и Риши Сунак (актуелен премиер на Обединетото Кралство). Видеото завршува со заедничка снимка од Доналд Трамп и Владимир Путин. Самото видео е монтирано од страна на корисник на социјалните мрежи, односно не е вистина дека Путин пука во овие личности, туку монтажата има за цел да направи така да изгледа целата снимка.

Впрочем, сите овие луѓе се сатанизирани за неименувани, непостоечки ,,злосторници против човештвото” и тоа на пропагандистички, неоснован начин, а Путин во постот е претставен како човекот кој се бори против нив, со цел ,,да опстои човештвото”.

 

Конспирациските теории за Путин и Украина потпомогнати од Путин

Оваа теорија дека Путин се бори против сатанистите за да ја спаси планетата од таканаречената длабока држава, е уште една теорија на заговор на Кју Анон. На тоа му кумуваше и самиот Путин, кој се правдаше дека ја нападнал Украина во борба против сатанистите.

Како што пишува Ролингстоун, некои корисници на социјалните мрежи веруваат дека Владимир Путин ја нападна Украина за да ја уништи ,,длабоката држава”, непостоечка светска влада за која веруваат дека има цел да го собори Доналд Трамп. Но, ова не е точно. Путин долго време верува дека демократските нации треба да се под руска контрола, став кој доведе до вистинска агресивна воена инвазија која резултираше со илјадници жртви. Но во поларизиран свет со недоверба во вистинските факти, дезинформациите се шират рапидно.

Истражувачот на екстремистичките наративи, Аби Ричардс, вели дека кога циркулираат лажни наративи, тоа може да има вистински последици за оние на кои им се наштетува, во случајот Украина.

Се чини дека луѓето не разбираат зошто дезинформациите се толку опасни за време на криза. Луѓето, особено луѓето во Украина или оние кои имаат семејство во Украина, заслужуваат точно претставување на настаните. Кога луѓето шират лажни или фотомонтирани содржини тоа е штетно за луѓето во Украина на кои им е потребно точно да биде разбрано што се случува, вели Ричардс за Ролингстоун.

На другиот крај на спектарот дезинформации за причината на воената инвазија во Украина е тоа што приврзаниците на Кју Анон, ја слават инвазијата на Путин врз Украина, зашто веруваат дека е операција против длабоката држава. Тие се приврзани кон фантазија дека кабала на моќни, педофили, сатанисти, вклучително и демократи на високи позиции управуваат со длабоката држава. Според нивните фантазии, Доналд Трамп е пратен да стави крај на длабоката држава. Со оглед на учеството на Кју Анон на 6 јануари или нивната поддршка на пучот во Мјанмар, ваквите наративи за оправдување на агресивна воена инвазија кон суверена и демократска држава, не доаѓаат како изненадување, но се навистина опасни. 

Наративот дека воената инвазија во Украина е спас на човештвото од сатанисти од длабоката држава, опстојува на интернет од самиот старт на инвазијата и е пласиран од Кју Анон кругови. Тие лажно тврдат дека војната не е војна туку ,,неопходно чистење на кабалата и нивните операции и не е напад врз невини цивили”.

Поддршката за Кју Анон порасна во САД после поразот на Трамп на изборите во 2020 година, според повеќе истражувања од 2021 година од страна на Истражувачкиот институт за религија. Тинк тенкот истражи дека една четвртина од Американците, односно 22 проценти веруваат дека ,,доаѓа бура” што е  синоним меѓу поддржувачите на оваа теорија на заговор за апсења и политички немири. Дури 18 проценти од испитаниците одговориле дека веруваат оти насилството е неопходно за да се ,,спаси Америка” а 16 проценти признале дека веруваат оти педофили сатанисти ја контролираат владата како и медиумите и финансиските институции.

Не е точно дека воената инвазија врз Украина е за да се исчистат сатанисти кои владеат со некаква длабока држава. Во Украина има воена инвазија спроведена од страна на Русија, каде што секојдневно се губат човечки животи, а Украина е принудена да се брани од воената агресија на Путин. Приврзаниците на Кју анон уште од почетокот на воената инвазија од Русија врз Украина ги поддржаа наративите на Русија кои се обиди за оправдување на агресијата, а Франс 24 тврди дека тука е вмешана и поддршката од Кина.

Белингкет во својата анализа пишува дека многу од каналите на Кју анон движењето во светот, регуларно ја поддржуваат воената инвазија на Русија.

Тие гледаат на војната како напор со кој ќе се сруши интернационалната „кабала“ на која е фокусирана целата теорија на заговор Кју анон. Објавуваат различни идеи за целите на војната меѓу кои и „уништување на американски био лаборатории“ во Украина во кои тврдат дека се создава нова болест слична на ковид, или дека воената инвазија е со цел да се превенира „големиот ресет“ чија наводна цел е да се создаде една светска влада. Сето ова наводно ја прави Русија сојузник во борбата, а инвазијата е наводно за добро, го анализира Белингкет наративот на Кју анон поврзан со Русија и Украина.

Според описот на Белингкет Кју анон е теорија на заговор којашто лажно тврди дека ексамериканскиот претседател Доналд Трамп долго работи на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). И покрај тоа што Трамп не е претседател и предвидувањата на Кју анон не се остваруваат, конспирацијата продолжува да влече нови следбеници. Освен во САД проширена е во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, тие што ги шират антиваксерите. Следбениците на Кју остануваат активни и во теориите на заговор кои се однесуваат на Украина, пишува Белингкет.

 

Путин – херој!?

Белингкет уште во април 2022 година пишува дека повеќето од поддржувачите на Кју анон го сметаат Путин за херој кој се бори „на страната на Трамп“.

Во септември 2021 година еден од каналите на Кју анон во Велика Британија тврдеше дека Путин се бори против сатанистичката кабала, па затоа наводно медиумите го претставувале Путин како „лошиот“.

Секако, ова е пропаганда, односно куп неаргументирани, недокажани и непоткрепени тврдења, кои заеднички придонесуваат во креирањето на една илузија која треба да ја залажува јавноста.

Сите политичари кои што се наведени во објавата која ја рецензираме се невистинито претставени како припадници на некаква длабока држава, иако тие се официјално избрани на демократски избори и не се никаква влада во сенка туку дел од регуларно избрана власт.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...