Во Атина денеска пристигнува рускиот претседател Владимир Путин. Во дводневната посета тој ќе се сретне со грчкиот државен врв со кого ќе разгoвaра за клучни теми како можни инвестиции, енергетската соработка, трговијата, транспортот, туризмот и засилување на традиционално добрите грчко-руски врски.
Денеска Путин ќе се сретне со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и премиерот Алексис Ципрас, а утре ќе ја посети Света Гора.
Путин доаѓа со голема делегација министри и бизнисмени, речиси половина руска влада заедно со министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и клучни советници на „Гаспром“ и „Роснефт“, што отворено го покажува рускиот интерес за инвестиции во Грција.
Посетата на Путин се очекува да биде уште еден силен показател за рускиот интерес за приватизација на грчките компании. Русија уште од 2013 покажува сериозен интерес за купување на грчката железница и тоа во пакет со Солунското пристаниште, нешто кое неофицијално наидува на несогласување од европските и американските партнери на Грција. Овој интерес Путин отворено го изрази и во неговата колумна за весникот „Катимерини“.
За Грција оваа средба е неопходна за да се направи и дополнителен обид за зголемување на бројот на руските туристи, кои се едни од најбројните на грчките плажи и во грчките цркви и манастири, за што грчката влада прави поволности при процедурата на издавање на визи.
По денешните политички средби, утре Путин заминува за Солун и од таму за Света Гора, каде ќе биде пречекан со најголеми почести и за него ќе се одржи специјална церемонија. На Света Гора ќе го чека рускиот патријарх Кирил со цел заедно да учествуваат на церемонијата за 1.000 годишнината од присуството на руските монаси во христијанската заедница на Атос.
Проценките се дека и посетата на Света Гора има посебна агенда. Според информациите, Русија го притиска вселенскиот патријарх Вартоломеј да се дозволи зголемување на присуството на руски монаси на Света Гора. За сега во рускиот манастир има околу 60-70 монаси и се бара нивно зголемување за да се зголеми и руското влијание во светата заедница на Атос, нешто за кое за сега нема зелено светло од Вартоломеј.