fbpx

Првиот човек на „Макпетрол“ и уште 20 лица осомничени за криминал тежок повеќе од шест милиони евра

-

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против 21 лице поради незаконско прелевање капитал од акционерското друштво „Макпетрол“ во Командитното друштво со акции „Оилко“. Десетте членови на управниот одбор, осумте членови на надзорниот, како и тројца одговорни во Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и во Комисијата за хартии од вредност МВР ги товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Првоосомничен во случајот, како што информираат од МВР, е претседателот на управниот одбор во „Макпетрол“ и комплементар и управител во Командитно друштво со акции за транспорт „Оилко“ КДА Скопје, А.Ј.(63). Тој и второосомничениот, С.Л.(60), како член на управен одбор и комплементар и управител во Командитно друштво со акции за транспорт „Оилко“, заедно со другите осомничени, според доказите со кои досега располага МВР, се товарат дека „заради стекнување противправна имотна корист, а искористувајќи ја службената положба и овластувања, нанеле штета на акционерите на „Макпетрол“, во износ од 375.180.000 денари, односно околу 6,1 милиони евра“. Со тоа, според МВР, осомничените им овозможиле на „комплементарите да стекнат право да располагаат и да одлучуваат за акционерски капитал и права на глас во „Макпетрол“ во износ од 19,95 отсто, а пак на командиторите да стекнат капитална добивка во вкупен износ од 304.193.176 денари или околи 4,9 милиони евра“.

„Пријавените членови на управниот одбор, во втората половина на 2006 година, спротивно на законот за трговски друштва, без да има каква било одлука на собранието на акционери на „Макпетрол“ АД за утврдување на интересот на друштвото за вложување во идното друштво „Оилко“ КДА, самоиницијативно и нетранспарентно преземаат повеќе активности, како подготовка за основање на „Оилко“ КДА, за прикривање на вистинската намера и на нивните лични интереси од основањето на „Оилко“. Притоа подготвиле противзаконска и штетна (за другите акционери на „Макпетрол“), „предлог-одлука за вложување во командитно друштво со акции како зделка со заинтересирана страна“, а всушност станува збор за договор за основање ново друштво во кој „Макпетрол“ е странка. Истата таа одлука, која е незаконска, подоцна е донесена на собранието на акционери на „Макпетрол“, кои биле нецелосно и неправилно информирани. Одлуката е незаконска бидејќи сопствените акции на „Макпетрол“, вложени во „Оилко“, немаат имотна вредност и не претставуваат имот, па следствено на тоа не може да претставуваат влог во основна главнина. Освен тоа, одлуката истовремено не била во интерес на сите акционери бидејќи со вложувањето на сопствените акции на АД „Макпетрол“ во КДА „Оилко“, правата од истите, кои во согласност со член 338 од Законот за трговски друштва, дотогаш мируваа, со вложувањето се активираат и пренесуваат на новиот сопственик „Оилко“, односно на двајцата комплементари“, стои во соопштението на МВР.

Од МВР информираат дека по формирањето на „Оилко“, меѓу фирмата-мајка „Макпетрол“ и фирмата-ќерка „Оилко“ се склучени поголем број договори од кои, според годишните биласни, целиот профит оди на страната на „Оилко“, додека „Макпетрол“ бележи загуби.

„При извршената анализа, утврдено е дека во периодот од 2002 до 2007 година, „Макпетрол“ АД – Скопје работи со добивка и oстварила нето-добивка во вкупен износ од 1.128.185.175 денари, а за период од 2007 до 2014 година „Макпетрол“ АД – Скопје остварува нето-загуба во вкупен износ од 446.626.307 денари. „Оилко“ КДА Скопје, во овој период, работи со добивка и остварува нето-добивка во вкупен износ од 230.408.250 денари, што претставува сомнеж дека средствата од „Макпетрол“ АД – Скопје се слеваат на сметка на „Оилко“ КДА Скопје“, соопштуваат од МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...