„Се собравме како наша човечка должност, за да покажеме дека не успеаја да го убијат човечкото во нас“, кажа активистот Здравко Савески на протестот пред Владата во Скопје за поддршка на палестинскиот народ. Во говорите преовладаа пораките за мир, солидарноста и критика на империјалистичките центри на моќ, кои овозможуваат злосторствата на Израел да останат неказнети.
Протестот беше организиран од левичарскиот и само-организираниот социјален центар „Дуња“. На протестот говореа членови од центарот, како и активист од Грција.
„Се собравме пред владата за да го искажеме револтот за тоа што се случува во блокирањето на меѓународните напори за наоѓањето мир во Палестина“, рече Савески, отварајќи го протестот.
Потоа, на звучник се пуштија две верзии на работничката химна „Интернационалата“, на арапски и на хебрејски јазик, „бидејќи мир и правда не треба само за Палестинците, туку и за Израелците“.
На мегафон се прочита и песна од палестинскиот поет Махмуд Дарвуш, како и песна за Палестина напишана од битолскиот поет Панде Манојлов. Песната на Манојлов била преведена на арапски и во Палестина се смета за една од најславните и најубави песни за палестинската борба.
„Народите кои немаат империјалистичка поддршка, како што нема палестинскиот народ, се колатерална штета на големите геополитички и геостратешки игри на империјалистите. Меѓународната заедница молчи пред овој апартхејд и етничко чистење врз палестинскиот народ. Ние денес цврсто стоиме со нив; палестинскиот народ ја има поддршката на работничката калса од целиот свет“, рече Џејлан Велиу.
Пораките кои се скандираа вклучуваа: „Запрете ја војната“, „Free Palestine“ („Ослободете ја Палестина“), „Империјализмот долу“, „Израел терористи“. На транспарентите на демонстрантите се пренесоа секакви пораки, вклучувајќи: „Санкции за Израел“, „Против присилно иселување“ и „По Сребреница рековте никогаш пак“.
Протестот на граѓаните пред владата помина мирно.
„Оние кои палестинската борба ја поистоветуваат со Хамас се точно оние кои го основаа Хамас и го поплочија патот за да се елиминираат сите прогресивни и револуционерни структури во Палестина – тие се Израел и САД“, продолжи Велиу.
Говореше и активист од Грција кој потенцира дека ниту ја поддржува владата на Нетанјаху, ниту пак е некаков религиозен опскурантизам, туку дека е во солидарност со палестинскиот народ и со сите Израелци кои се противат против нивниот режим. Потенцира дека нивната борба е иста, а тоа е меѓународна борба против национализмот, капитализмот, милитаризмот, патријархатот – проблеми кои се присутни и на Балканот.
„Има преку 5.000 убиени деца. Во Македонија има градови со помалку од 5.000 жители. Замислете цел град да снема. Што им згрешиле тие деца? Тие ли се Хамас? Ја исклучуваат струјата во болниците, па мораат да извадат новороденчиња од инкубатори. Која нечовечност е тоа? Убиени се повеќе од сто работници на Обединетите нации. Еден работник на ОН да бил убиен на друго место, веднаш ќе имаше строга реакција против тој режим во таа земја. Овде не е еден убиен, туку сто. Како да молчиме“, рече Савески.
Савески зборуваше и за ѕидот во Западниот Брег, кој е долг 700 километри и ги дели палестинските и израелските територии. Го спореди со Берлинскиот ѕид, за кој вели дека сите знаеме и зборуваме триесет години по неговиот пад, а не знаеме и зборуваме за сличен таков ѕид кој постои денес.
Иако навидум се чини дека ништо не може да се стори, Савески предложи мерки кои може да се преземат од нашата (а и која било друга) влада: гласање во солидарност со Палестина за резолуциите на ОН, отповикување на амбасадорот во Израел, прекин на дипломатски односи со Израел, испраќање хуманитарна помош во Газа, забрана за учество на спортски и културни манифестации на Израел, неиспорачување на оружје, санкции, како и притисок да се стават соодветни израелски лидери пред Меѓународниот кривичен суд.
Тој рече дека иако „центрите за моќ“ го поддржуваат Израел, овој пат нема да им успее пропагандата, бидејќи е јасно видливо што се случува во Газа и се организираат протести во солидарност со Палестина ширум светот.