Денеска официјално беше промовиран новиот изглед на салата „Една точка за услуги“ во Скопје. Како што посочи министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, станува збор за целосно нов принцип и култура на работа во јавната администрација.
– Шалтерите конечно се минато, вработените работат во пријатна атмосфера, а граѓаните веќе нема да бидат дел од долги шалтерски редови – изјави Манчевски.
Како што појасни тој, обезбеден е непречен пристап и за лицата со пречки во движењето, има и служба која ќе работи на одржување на редот, а електронски ќе се следи и работењето, со регулирано време за пауза и без можност да има граѓани кои чекаат, а да нема кој да ги услужи.
– Ова е само почеток на менување на начинот на којшто граѓаните добиваат услуги од институциите. „Една точка за услуги“ ќе биде место каде брзо, ефикасно и најбитно достоинствено ќе ги добиваат сите потребни услуги – додаде Манчевски.
Во „Една точка за услуги“ сместени се Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, Министерството за труд и социјална политика, Централниот регистар, Фондот за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Покрај оваа сала, во понеделник започнува со работа и „Една точка за услуги“ во Тетово, а веќе се започнати и активностите за канцелариите во други градови, информираше министерот.