В среда промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од Иван Џепароски во Театар Комедија

Книгата е сочинета од девет поглавја, за кои професорот Џепароски во прологот ги „групира“ во три групи

фото: Театар Комедија

Во среда, на 20 март, со почеток во 12 часот на малата сцена во Театар Комедија ќе се одржи јавна промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од професорот Иван Џепароски. Книгата ќе ја претстават писателот и професор Александар Прокопиев и професорката и театролог Ана Стојаноска.

Книгата е сочинета од девет поглавја, за кои професорот Џепароски во прологот ги „групира“ во три групи: За комичното, За комедијата, За црниот хумор, За иронијата (своевидни книжевно-театролошки одредници), За писателите – со мала помош на црниот хумор, За уметноста – со мала помош на еден ирониски дијалог (лесни книжевни монолози и дијалози), Хуморот и сатирата: културолошки пристап, Комичното и хуморот: естетички пристап и Комичното и комедијата: Плаут (посложени есеи поврзани со културолошкиот, естетичкиот и книжевно-историскиот пристап).

Во однос на текстовите поместени во книгата, тој додава: „Застапени се неколку мои не толку стари, но и неколку нови и необјавени текстови. Сите тие се повторно прегледани, преработени и поставени во нов контекст, врз основа на барањата на ова издание наменето за една поширока публика“.

Професорот Џепароски, исто така, нотира дека критиката и хуморот во Македонија се во криза и дека единствено Театар Комедија „со својата успешна програма и многубројната публика претставува соодветна апологија (одбрана) на комичното и на хуморот“.

„Да се пишува за комедијата, за комичното, па дури и за хуморот, значи да се пишува за човековото снаоѓање низ светот, особено во театарот. Еден од главните постулати на пишувањето е дека најтешко е да се напише комедија, а уште потешко е да се пишува за комедијата. Одговорот на едноставното прашање ’Зошто е тоа така?‘ лежи во основата на односот на човекот кон смеата, хуморот, игривоста. Затоа се ретки книгите што умешно говорат за комичното. За наша среќа, ја имаме пред себе книгата на професорот, поет, философ и преведувач, Иван Џепароски, ’Комичното и хуморот‘“, пишува во својот предговор кон изданието, професорката Стојаноска.