Македонскиот книжевник Верица Мукоска ја објави книгата „Психофилозофемите во повеќеслојните структури на романите Папокот на светот од Венко Андоновски и Еретички писма од Стефан Марковски (компаративна анализа)“. Таа деновиве излезе од печат и наскоро ќе може да се купи во книжарниците и ќе биде достапна во библиотеките низ земјава.
Мета.мк неодамна со Верица Мукоска неодамна објави интервју. Таа е македонски книжевник, педагог, уредник, писател. Најновата публикација е плодот на нејзината работа како научник, на полето на книжевноста.
„По 365 научно-истражувачки дена, задлабочено учење, работење и дообработување на претходно започнатото од дипломскиот труд, одговорно пристапив кон подготовка на моето прво дело од областа на книжевната наука и теорија“, напиша Мукоска на Фејсбук, дополнувајќи дека деновиве нејзината студија излегла од печат.
Како рецензент на нејзиното дело, проф.д-р Кристина Николовска го поместува следново излагање:
…„Мукоска се решава да се посвети на научното прашање кое всушност воспоставува синергија, кохезија помеѓу: филозофемите и психизмите. И така добиваме еден интересен, речиси нов теориски хибриден ентитет, кај нас досега неистражуван одделно како посебно теориско прашање. Тоа осетно го збогатува квалитетот на научниот зафат на младата научничка Мукоска.
Во прашање е синергија, преплет на психолошки и филозофски елементи, кои длабински се проткајуваат во ликовите, а со тоа и во дејствата. Мукоска, со право заклучува дека авторите длабински навлегуваат во перенијална филозофија каде се покреваат серија важни прашања од религиски аспект. Перенијална филозофија, сфатена во најшироката смисла на зборот, во нејзиното третирање на суштините кои се поврзани со идејата дека сите големи религиски традиции се израз на една спасоносна вистина…“
Реализацијата на овој проект е во соработка со Современост – списание за литература Modernity – literary magazine, а објавувањето на студијата е со финансиска поддршка на Министерството за култура.
Ова книжевно дело е важна анализа и пробив којшто внесува и свесност за нова фразеологија во Теоријата на книжевноста, од кои најмаркантен е терминот “психофилозофеми” во делото. И посекако, ќе ги инспирира и новите генерации повеќе да читаат книги и да споредуваат, па дури и професионално да се бават со книжевноста наспроти настојувањата од нашиот менталитет да се бават со нешто друго како професија што би било попрофитабилно.