Верица Мукоска: Уметноста е начин за разоткривање и повторно заблескување во внатрешното равенство

Верица Мукоска
Верица Мукоска | Фото: лична архива, се користи со дозвола

Младата писателка Верица Мукоска во обемното интервју за Мета.мк зборува за нејзиниот роман „Равенка на стравот“, за поврзаноста на физичкото и менталното здравје, за користењето на уметноста за надминување на самотијата на немирот и стравот, за креативниот процес при пишување проза и поезија, како и за научните истражувања во книжевноста.

Во вашиот роман Равенка на стравот” протагонистот е млада сликарка која пати од клептоманија и по повеќе перипетии добива адекватна помош. Забележливо е дека оваа тема за вас не е табу тема и ги охрабрувате и идните генерации да се грижат за менталното здравје и покрај тоа што живееме во едно закоравено патријархално општество каде луѓето најчесто одбиваат ваков вид на помош и кога ќе им се понуди, а им е потребна. Што би им порачале на луѓето што се соочуваат со сличен предизвик?

Во оваа смисла најпрво би истакнала дека станува збор за фиктивно оформување на внатрешниот портрет на протагонистот Калина. Низ текот на нарацијата доминираат психолошки и мисловно-филозофски премиси од кои произлегуваат и вметнатите делчиња во врска со клептоманијата на главниот лик кој го градев при консултација со медицински лица. Внатрешната окупираност со уметноста преку која се пројавува сегашност промешана со гласот на гавранот од Едгар Алан По е едно укажување за пронаоѓање на уметничкото равенство кое му помага на човека да се чувствува подобро. Од она што беше истакнато во рецензијата на проф. д-р Трајче Стамески е дека појавувањето на гавранот на По е еден вид патоказ за нејзиниот пат низ равенката која и самата е на пат да стане равенство. Додека пак м-р Стефан Марковски истакнува дека водечките ликови овозможуваат едно разјаснување на внатрешниот заплет во кој преовладуваат психолошките рефлексии, наспрема надворешните дејства што се случуваат во ликовната колонија на познатиот сликар Емилијан Де Ремарос. Она што би го заклучила преку овие ликови и што би го препорачала на читателите е дека преку нив се истакнува надминувањето на човекот на самотијата, на немирот и стравот, а уметноста ја прикажувам како единствен начин на изразување сопствените чувства и промени, но и спас од лошите мисли и слики што се пројавуваат во нашата потсвест.

Мојата препорака како автор кој цели четири години живееше и созреваше со овие ликови, е да се надминат душевните преживувања и предизвици во еден физички отворен, но психолошки страшно тегобен свет. Уметноста е начин за разоткривање и повторно заблескување во внатрешното равенство од кое избледуваат патешествијата. Преку стравот како водечка емоција во романот „Равенка на стравот“ се означува и со поставување на реалноста и комплексноста на приказната од хетероген карактер со многубројни покренувачи на дејство, а исто така настанува и поигрување со границите на човечката слобода, на она што човек го има како даденост наспрема своите човечки одговорности.

Знаеме дека физичкото и менталното здравје се поврзани, а вие во ваше претходно интервју имате кажано дека редовно правите физички вежби. Дали имате сопствен систем на вежби како и сите луѓе што долго вежбаат или можеби се придржувате до некоја дадена востановена програма за вежбање? Како изгледа една ваша рутина на физички вежби?

Секојдневните физички вежби пред сè ги подразбирам како најава за новиот ден. Утринските вежби за растегнување ми се дел од дневната рутина без да се придржувам до одредена програма. Поинтензивни физички вежби најчесто правам во вечерните часови на домашните фитнес справи според моја програма со помош од интернет прилагодлива за она што сакам да го постигнам, а пред сè заради поголема кондиција и подобро здравје. Мојата лично востановена програма за вежбање е во корелација и со начинот на исхрана кој исклучиво се состои од домашно приготвена храна, редовни оброци, пиење вода и минимално внесување прости и рафинирани шеќери. Редовното вежбање ми овозможува подобро да се чувствувам, побрзо да размислувам и да бидам покреативна.

Што се однесува до пишувањето поезија, на промоцијата на вашата најнова збирка поезија „Тајнописец промоторот ве запраша за креативниот процес на создавањње поезија. Дали повеќе сакате да пишувате поезија, проза или критика? И како меѓу трите се разликува вашиот креативен процес со оглед на тоа дека поезијата се потпира на моментална инспирација, прозата поголема рутина, а критиката научен пристап?

Сакам предизвици, сакам новитети, сакам длабокомислености, а не површности. Во секоја нова мисла наоѓам блискост со темата која ја расплинувам на повеќе поттеми. Пробувам да ја поврзам со некоја животна, реална или имагинативна приказна која ја прицврстувам на хартија, а по некое време ѝ го одредувам литературниот вид. Поезијата ми е начин на изразување на моменталната состојба, а прозата ми е израз за секој мој потег. Слободата која ми го овозможува наративниот тек во прозата, осмислувањето и комуницирањето со „непостоечки“ ликови, за мене е незаменлив дел од мојот креативен процес. Во врска со второто прашање би истакнала дека последнава година се насочив на посериозен научен пристап кон помалку опипливите теми во книжевноста и поинакво согледување и воспириемање на некои филозофски теми кои ми овозможија и нурнување во сосема поинакви и нови за мене теми.

Вашите прилози во списанието „Современост” покажуваат дека убаво ја владеете Теоријата на книжевноста при анализа на текст и умеете да нурнете во сржта преку елоквентниот, а сепак концизен речник од кој произлегуваат споредбите и коментарите што ги давате. Со кој од досегашните ваши прилози во списанието „Современост” најмногу се гордеете и го препорачувате да се прочита?

Како постдипломец и соработник на Катедрата за Македонска книжевност и култура, со голема почит кон сите мои професори/ки кои ми вдахнаа дел од книжевната наука, а и ме подучуваа дека допрва доаѓа моето надградување и анализирање на Теоријата на книжевноста, не смеам, а и не сакам да истакнам дека „сум совладала сè“. Секојдневно учам, истражувам, читам, купувам и изнајмувам нови книги, а работата во списанието „Современост“ ми овозможи одблиску и самостојно да ги опипам книжевните критики од значајни македонски книжевници. Согледувањето на разновидноста при читањето на книжевните прилози е една од главните уметничко – креативни особености кои ми овозможуваат и практична имплементација на книжевните знаења при јазично уредување на ракописите. Да се биде различен, оригинален, да се биде широкоглед и препознатлив, исто онака како што еден писател се стреми да се претстави пред читателската публика. Во врска со моите ракописи објавени во списанието, би го издвоила Извадокот од мојот дипломски труд на тема: Психолошките и филозофските рефлексии во романите „Папокот на светот“ од Венко Андоновски и „Еретички писма“  од Стефан Марковски. Препорачувам да се прочита заради самиот развој на двете приказни преку кои се согледуваат сличностите и разликите, заради фокализацијата и задавањето посебни импулси на нејзините текови, заради ликовите, јазикот,  приказната, структурата. Го издвојувам овој прилог и заради тоа што ќе биде дорасчленет во мојот прв научен труд кој се надевам ќе биде објавен во 2023 година.

По завршувањето на факултетот започнаа вашите книжевно-работни ангажмани, дали е тоа исполнителна работа за вас и кое би било ваше идеално работно место?

Најважно од сè ми е да го работам она што го сакам, а моите сегашни работни ангажмани се токму тоа. Никогаш не сум се чувствувала поисполнето и посреќно покрај прекрасни луѓе и колеги со кои меѓусебно соработуваме. Особено драга ми е соработката со редакцијата на „Современост“ преку која ги развивам уредувачките ангажмани и од секој нов прилог се надградувам себеси и осознавам нови книжевни нишки. Работата со студентите на Катедрата за македонска книжевност и култура е нешто што засекогаш ќе ја буди мојата студентска ретроспекција и ќе ми дава мотив за научни истражувања поткрепени со неизмерна поддршка од моите професори/ки.

Работата со моите ученици од шесто до деветто одделение ми побудува најблагородни чувства: среќа, позитивен пристап и безгранична слобода. Сè што е поврзано со мојата област, ми е идеално и прифатливо во секоја смисла, било да е работа во издавачки куќи, во училишта, во телевизија, во библиотеки, во културни центри итн… Сето она што не би ми овозможило кариерен напредок и ново книжевно искуство, не ми е исполнително и покрај тоа што сум работела и во други сфери од кои сфатив дека не се за мене. Моето семејство, партнерот, блиските луѓе и моите драги колеги – соработници се тие што ми го прават секој ден идеален, а со тоа и да се чувствувам идеално на моите работни места.

Не толку одамна имавте иницијатива за организирање, промоција и подобрување на книжевноста и пишаниот збор кај нас во однос на функционалноста, заштитата и одржувањето на книжевни настани. Ги разгледувавте и можностите за поврзување со организации од странство што ја негуваат и практикуваат книжевноста со цел да се подобрат условите и кај нас преку Агенција за книга. Дали истражувањето има наоди да добие институционална поддршка и кој е најдобриот начин тоа да се оствари?

Моето истражување како млад новинар беше во рамките на Институтот за комуникациски студии – Скопје преку кое интервјуирав некои од македонските современи писатели и издавачи со цел да се овозможи развој и промоција на македонската книжевност, како во меѓународен контекст, така и на план на обезбедување подобар финансиски баланс меѓу писателската дејност и издаваштвото. Постоеше согласност за продолжување на ваквата иницијатива преку која би се дала и поголема поддршка на македонската литература во земјава и во странство. Заклучно, сите истакнаа дека тоа би било одличен потег за македонската литература која би се проширила во светски рамки. Со тоа би се подобрил финансискиот живот на современите македонски писатели од најрана па до најстара возраст и редовните исплати би се извршувале според определени критериуми за формата, стилот и видот на ракописите, а секако и според возрасната граница на писателите. Постои информација до институциите и од претходни дискусии кои укажуваат на тоа дека ни е потребна соработка со наша Агенција за книга која би ни била од голема важност. Преку една државна Агенција за книга би се интензивирале активностите околу македонската литература, без притоа авторите да се потпираат само на Министерството за култура и на тој начин поцврсто би се зачувало и заштитило македонското литературно богатство преку ваква институција специјализирана само за книжевни дела.

Моментално  го спремате вашиот магистерски труд, на која тема ви е магистериумот и дали планирате од магистерскиот труд да направите и книга во иднина?

Периодов, примарно сум фокусирана на повеќе истражувања околу трудот кој ми опфаќа неколку области блиски до: Теорија на литература, Херменевтика, Семиотика, Наратологија и Народна книжевност. Темата би го опфатила и односот: Книжевност или книжевната наука со новите технологии, методолошки пристап во наставата по македонски јазик и литература, како и теориски концепции, а во потесна смисла идејата би било како практично да се искористат: јазичните вештини и книжевни знаења во копирајтингот/копирајтерството. Конкретниот наслов сè уште не ми е прецизиран. Дел од моите истражувачки теми се: Народен диверзитет на обредно-синкретични реликти и верувања низ историското решето и фолклорната призма на „Историска поетика“ од Александар Н. Веселовски, Музиката и литературата: колективно разгледување на неколку македонски музички групи од книжевен аспект во вртлогот на уметничка екстензивност, Психолошки преглед на женското патешествие во драмата „Грев или Шприцер“ од Сашко Насев низ призма на студијата „Женскост“ од Сигмунд Фројд итн…

Во врска со објавувањето на трудот, доколку ја остварам мојата пишувачка цел при расплинувањето и разгорувањето на темата и успешно го воздигнам она што би сакала да го оставам како личен книжевен аманет, тогаш да, би го објавила.

Сепак обземањето на теоријата и заразноста на научната филолошка работа го имаат искусено сите книжевници што успеале да го завршат факултетот. Кои се главните теми за кои би сакале да истражувате и во иднина?

На почетокот на годинава пред сè сакам да се насочам на многу повеќе кон читање на книги во кои се содржани книжевно-јазичните врски на македонската книжевност со јужнословенските книжевности. Би сакала истражувањата да ми се низ призма на теориската повеќеслојност за начините на нурнување во повеќе литературни жанрови од македонската и балканската книжевна сцена. Пишувачкиот прозен напредок во филозофските теми ми е една од примарните цели преку кои би сакала да ми се проширува следниот истражувачки процес. Спознавање на идеолошките, културолошките и социолошките улоги што би требало да се истакнат при расчленување на народните обреди. Исто така, утврдувањето на можните врски меѓу некои текстови и некој културен контекст, следењето на дискурзивните стратегии, како и истакнувањето и проучувањето на книжевноста која може да открива, исто како историјата.