Денеска во 10 часот, во големата сала на Врховниот суд, треба да продолжи судскиот процес за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и од 10 мај лани.

Претходното рочиште, кое беше закажано во вторник минатата недела, беше одложено бидејќи на новинарите и на адвокатите на обвинетите не им беше дозволено да влезат во салата на судот.

Истиот ден, Кривичниот и Врховниот суд преку соопштенија си ја префрлаа вината околу причините за одложувањето на рочиштето, како и за тоа кој е надлежен за организација на судскиот процес во големата сала на Врховниот суд.

Од Судскиот совет најавија дека ќе ги испитаат причините за одложувањето на рочиштето.

Големата сала на Врховниот суд со решенија на Владата му беше отстапена на Кривичниот суд за потребите на ова судење.

Според најавите, судскиот процес за случајот „Диво Насеље“ треба да почне од почеток, откако обвинителството го спои предметот „Молња“, во кој осум лица се обвинети за помагање и за давање логистика на кумановската група.

Во случајот „Диво Насеље“ се обвинети вкупно 29 лица, кои се товарат за тероризам и за терористичка организација.