fbpx

Проблемот е покомплексен: Прекумерната смртност не е резултат на вакцинацијата против ковид-19

-

Споредбата на вакциналната покриеност со бројките на прекумерна смртност не сугерира дека има поврзаност меѓу нив. Ако вакцината предизвикала смртноста да расте, би се очекувале две корелации. Првата е дека што повисока е покриеноста на вакцината во одредена земја, толку повисока би била и стапката на прекумерна смртност. Втората е дека би растел бројот на смртните случаи како што прогресира вакциналната кампања. Дури и кога би постоела корелација меѓу вакциналната покриеност и прекумерната смртност, самата таа би била недоволна за да се тврди дека вакцините се одговорни за прекумерните смртни случаи. Корелацијата не е доволна за да докаже причинско последична врска, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:

Ми изгледа како геноцид мене. А Вам? (Гарант ке ме блокира Фејсбукот). ЦДЦ тивко признава 118.000 деца и млади починати од ненадејна смрт, од почетокот на имунизација за ковид.

Потоа, се споделува фотографија од текст објавен на Експозе, во чиј наслов стои дека наводно Центарот за контрола и превенција на болести „тивко“ потврдил дека барем 118 илјади деца и млади ненадејно починале во САД, од почетокот на вакцинацијата против ковид-19.

Прекумерната смртност е заштитен знак на пандемијата со ковид-19. Економист процени дека има меѓу 16,8 и 28,1 милиони прекумерни смртни случаи од сите причини од почетокот на пандемијата. Тоа ги илустрира последиците на пандемијата врз светот. Смртноста од ковид-19 полека се намали во 2022 година. Пандемијата почна да спласнува и повеќето земји ги отстранија рестрикциите и се вратија на нормалното дневно функционирање. Но, прекумерната смртност продолжи да перзистира во многу држави и во 2022 година, на изненадување на многу коментатори и новинари. Трендот стана интересен и за вакциналните скептици.

Да се разбере зошто има прекумерна смртност е исклучително тешко. Ова е затоа што има многу фактори кои се вклучени во равенката, и кои ја прават состојбата комплексна. Истражувачите уште се во процес на собирање и анализа на податоците од 2022, а за конкретни заклучоци сè уште е рано. Но, има повеќе причини во 2022 година кои може да ја објаснат прекумерната смртност годинава, барем делумно.

Хелтфидбек пишува дека за време на втората половина на 2022 година, неделно смртните случаи во САД се од 5 до 12 проценти над очекуваната смртност. Но, прекумерната смртност е многу помала отколку регистрираната меѓу април 2020 и февруари 2021 како и август 2021 до февруари 2022. Оваа опсервација се совпаѓа со извештајот на Економист дека САД како и другите држави очекуваат пролонгиран период на прекумерна смртност, иако на многу пониско ниво отколку во екот на ковид пандемијата во 2020 и 2021 година.

Во САД највисоката точка на прекумерна смртност во втората половина на 2022 година е пониска отколку највисоките точки во 2020 и 2021 година кога имаше корона пандемија. Статистиката покажува дека прекумерната смртност се подобрила и во САД и во Европа во 2022 година. Но, прекумерната смртност за време на летото 2022 година го привлече вниманието во медиумите бидејќи претходно не се случило такво нешто, ни за време на пандемијата ни за време на летото 2018 и 2019. Како може да се објасни ова? Можните причини се комплексни, но има неколку можни причини за прекумерната смртност, пишува Хелтфидбек.

Прво, САД забележа раст во смртноста од ковид-19 во летото 2022 година. Според податоците од Центарот за контрола и превенција на болести, 28,591 смртен случај од ковид-19 имало меѓу јули и август 2022 година како и 38,687 прекумерни смртни случаи. Затоа, поголемиот дел од прекумерната смртност во летото 2022 година го сочинуваат смртни случаи поврзани со болеста.

Пандемијата со ковид-19 го прекина нормалното функционирање на здравствените системи во многу држави и се одложи здравствената грижа за голем број пациенти, бидејќи згрижувани беа пациенти со ковид 19 понекогаш на штета на другите пациенти. Болниците одложуваа важни медицински процедури и превентивни медицински прегледи.

Студија покажа дека скринингот за канцер и тестирањата за туберкулоза биле прекинувани за време на пандемијата, исто како и вакциналните кампањи за деца. Многу американски болници се соочија со проблеми. Болници во 40 држави пријавија критично намалување на персоналот што има негативно влијание врз одговорот на потребите на пациентите.

Извештаите за прекумерна смртност во 2022 година, слично како и во постот кој го рецензираме, станаа изговор за вакциналните скептици да тврдат дека вакцината против ковид-19 е одговорна за оваа смртност. Таков е случајот и со тврдењето во постот што го рецензираме дека Центарот за контрола и превенција на болести на САД признал дека 118 илјади деца и млади ненадејно починале во САД и дека тоа најверојатно било последица на вакцината против ковид 19.

Но, ова тврдење е невистинито. Вакцините против ковид 19 поминаа сериозни тестови и низ клинички тестирања и при реалното нивно аплицирање без да покажат значајни смртни случаи поврзани со вакцината кои што би ја објасниле прекумерната смртност која ја гледаме денеска.

Споредбата на вакциналната покриеност со бројките на прекумерна смртност не сугерира дека има поврзаност меѓу нив. Ако вакцината предизвикала смртноста да расте, би се очекувале две корелации. Првата е дека што повисока е покриеноста на вакцината во одредена земја, толку повисока би била и стапката на прекумерна смртност. Втората е дека би растел бројот на смртните случаи како што прогресира вакциналната кампања. Дури и кога би постоела корелација меѓу вакциналната покриеност и прекумерната смртност, самата таа би била недоволна за да се тврди дека вакцините се одговорни за прекумерните смртни случаи. Корелацијата не е доволна за да докаже причинско последична врска.

Веб-страницата Пандем на Филип Шелекенс, економски советник на Светската банка, ја спореди вакциналната покриеност на земјите во светот со нивната прекумерна смртност. Споредбата покажа дека нема корелација меѓу вакциналната покриеност и прекумерната смртност во периодот од август до октомври 2022.

Хелтфидбек пишува дека тоа што има поголема пропорција на вакцинирани луѓе во популацијата, не е поврзано со раст на прекумерната смртност.

Во САД прекумерната смртност пораснала кога почнала да се влошува пандемијата против ковид-19. Во САД таа прекумерна смрност постигнала врв на крајот на 2021 година. Растот на вакциналната покриеност не беше проследен со раст на прекумерната смртност. Од средината на 2020 година прекумерната смртност оди надолу од средината на 2020 година и вакциналната кампања не е поврзана со промена на тој тренд. Ако вакцините предизвикуваа зголемен ризик од смрт ќе го видевме спротивниот тренд.

Анализа на Центарот за контрола и превенција на болести  во која се споредува смртноста на вакцинираните и невакцинираните откри дека вакцинацијата не го зголемува ризикот од смрт од било која причина.

Сè на сè, податоците се спротивни на тврдењето дека вакцините се одговорни за прекумерната смртност. Досега, поддржувачите на оваа теорија не излегоа со докази за своето неосновано тврдење.

Има многу независни фактори кои предизвикуваат да има повисока стапка на смртност. Феноменот е неодамнешен и истражувачите уште го анализираат. Некои од веројатните фактори што придонесуваат за прекумерната смртност се дека ковид уште циркулира и смртноста предизвикана од болеста и понатаму се значаен дел од прекумерната смртност. Второ, здравствените системи во многу држави уште се опоравуваат од пандемијата. Многу болници се без средства и персонал, што води до неоптимална грижа за пациентите. Но, едно од нештата кои што знаеме дека не придонесуваат за прекумерната смртност е вакцината против ковид-19 наспроти тврдењето изнесено во постот што го рецензираме. Нема корелација меѓу покриеноста со вакцина во земјите и бројот на прекумерни смртни случаи, ниту пак прекумерната смртност е позитивно корелирана со вакциналните кампањи.

Во врска со делот од постот кој го рецензираме во кој се тврди дека вакцинацијата е геноцид, станува збор за теорија на заговор. Геноцид е систематско уништување, истребување на определена група луѓе поради расни, верски или национални причини. Покрај тоа што прекумерната смртност не е поврзана само со една нација, не е поврзана со верски причини, или национални, дополнително не е поврзана ни со вакцината. Имено, вакцинацијата против ковид 19 е на доброволна основа со информирана согласност на реципиентот, вакцината е базирана на научни студии, темелни проверки и комплицирани процеси на проверка (клинички испитувања) во кои е потврдена нивната безбедност и ефикасност. Владата на Индијана на прашањето ,,Слушнав дека луѓето после вакцинацијата умираат. Дали е ова точно?” пишува:

Рецензија на достапните клинички информации, вклучително и посмртници, аутопсии и медицинкски извештаи, не откриваат линк со вакцинацијата. Повеќе од 52 милиони дози вакцини против ковид 19 се администрирани во САД од 14 декември 2020 до 14 февруари 2021. Во тој период, има 934 извештаи за смрт (0.0018%) меѓу луѓето што ја примиле вакцината против ковид 19. Нема констатирани трендови со кои би можело да се поврзат причините за смртните случаи на начин што би се тврдело дека има проблем со вакцините.

Поради сето горенаведено, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со автоматска пушка влегол во казино во Лешок и украл над 300.000 денари

Наредба за истражна постапка против 28-годишен жител на селото Непроштено, Општина Теарце, кој е осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка, донесе Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово. Во...