Обврската за транспарентност важи и за скопска Апелација

Фото: Влада на РСМ

Вицепремиерката Славица Грковска има право кога вели дека обврската за транспарентност не може да биде адресирано само на Владата, на пратениците, туку и на адреса на правосудството. Оттука и нејзината изјава во врска со соопштението на Апелациониот суд во Скопје за случајот Таргет-Тврдина го оценуваме како вистина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Потпретседателката на Владата задолжена за добро владеење, Славица Грковска, даде изјава во врска со транспарентноста при соопштување на една конкретна одлука на Апелациониот суд во Скопје, која ја оценуваме како вистина:

Грковска: Сите имаме обврска да бидеме транспарентни пред граѓаните за нашата работа. Транспарентност и барањето за транспарентност не може само да биде на адреса на Владата, не може да биде на адреса на пратениците, туку и на адреса на правосудството….И мене ми е мило што мојата изјава која што беше во насока на тоа да ги повикам транспарентно да ги образложат пред јавноста причините за донесувањето на таквата одлука вроди со плод и Апелациониот суд издаде соопштение со објаснување за начинот на којшто ја донел таа одлука и од кои причини таквата одлука е донесена, без разлика што јас сметам дека повеќе можеше во детали, ама како и да е, беше поттик.

[Извор: СП/МИА – Грковска:Апелацискот суд можеше...- датум: 21.12.2022]

 

Образложение:

Вицепремиерката Славица Грковска прва излезе со реакција во јавноста за решението на Апелацискиот суд во Скопје за укинување на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“ и уште тогаш побара повеќе аргументација, што потоа и се случи, поради што може да се оцени дека тврдењето на Грковска за транспарентноста во судството, вклучувајќи го и второстепениот суд во Скопје е вистина.

Станува збор за соопштение на Апелацискиот суд  од 16.12.2022, кое предизвика огромна бура во јавноста, реакција на многу политичари, медиуми и граѓани, во кое штуро се кажува дека донеле одлука за укинување на првостепената пресуда поради повреди во постапката на процесот каде што им се судеше на поранешниот шеф на тајната полиција и на уште неколку други именувани лица во таа институција и во МВР за огромниот скандал со незаконско прислушкување на околу 25 илјади граѓани, кои во вој случај се оштетена страна. И навистина, соопштението за аргументацијата за укинувачката пресуда за овој вископрофилиран случај за незаконито дејство на институцијата и поединците што ја раководеле, најважниот случај на поранешното СЈО, беше повеќе од штуро:

Апелациониот суд Скопје при разгледување на побивателната пресуда констатираше дека првостепениот суд при постапувањето по овој предмет сторил суштествени повреди на одредбите од Законот за кривичната постапка кои се од апсолутен карактер, а на кои овој суд внимава по службена должност, со што се доведе во прашање фактичката состојба и правилната примена на Кривичниот законик.

По цели три дена и бројни реакции од јавноста, но и од функционери од извршната власт, кои беа на граница на притисок врз судот, но преовладуваше барање за аргументација и појаснување, на 19.12.2022 година излезе со ново соопштение во кое се наведени барем минимумот основи врз кои одлучувал петчлениот судски совет:

Заради големиот интерес на јавноста, советот на Апелациониот суд Скопје, информира дека првостепената пресуда е укината поради сторени суштествени повреди на одредбите на постапката од член 415 став 1 точка 11, став 2 и став 3 од ЗКП како и повреди на кои судот внимава по службена должност во смисла на член 427 в.в. член 375 од ЗКП, а кои повреди влијаеле и врз правилно утврдување на фактичката состојба и правилна примена на материјалното право…

…Воедно, фактите кои што ги земал за утврдени првостепениот суд, а по однос на дејствијата на извршување на обвинетите, не соодветствуваат со доказите изведени на главната расправа пред првостепениот суд, по однос на наодите и мислењата на вештите лица на Јавниот обвинител и одбраната, како во делот на дејствијата по однос на следењето на комуникациите, така и  по однос на вредноста на уништената опрема…Покрај наведените, советот утврди и други процесни повреди, за што овој суд детално образложение на сите причините ќе даде во писмено изготвената одлука, со соодветни напатствија до првостепениот суд.

Проблемот е, всушност, во обврската на судот да биде транспарентен, за што појаснува и Грковска во нејзината изјава што ја оценуваме, каде што вели дека неинсистирањето на транспарентност сите овие години наназад на правосудниот систем, нè доведува до тоа граѓаните да немаат доверба во правосудството заради тоа што не знаат едноставно што се случува.

 

Лазарова Трајковска: Судот требал да биде свесен за интересот на јавноста

Судијката на Врховниот суд Мирјана Лазарова-Трајковска, која воедно била и долгогодишна судијка во Европскиот суд за заштита на човековите права во Стразбур, во интервју за Топ-Тема на ТВ Телма на 20.12.2022 ја потврдува обврската на судовите за почитување на транспарентноста и на целата постапка, но особено и кон јавноста кога владее голем јавен интерес за некој предмет или процес:

Погледнато однадвор, овде чини дека има два проблема – од завршувањето на јавната расправа до одлучувањето по предметот, како долг временски период, остана необјаснето во соопштението на Апелациониот суд, и второ – сметам дека објавеното соопштение вчера е задоцнето. Тоа требало да го направат во моментот кога ја донеле одлуката, на 5 декември, да направат една прес-конференција. Кога се повисоките судови во прашање, се чита и дел од пресудата, за да ѝ биде јасно на јавноста зошто тој суд одлучил така како што одлучил. Судиите во судовите имаат обврска да водат сметка за предметот да не застари. Од тие причини се важни процедуралните чекори што ги прават. И тука немам дилема дека Апелацискиот суд треба да води сметка. Она што е исклучително загрижувачко во таквите предмети од јавен интерес е немањето на сензибилитет за интересите на јавноста. Одлуката може да биде заснована и врз одлично образложение, меѓутоа судот е должен кон јавноста, знаејќи го влогот во тој предмет со кој се засегаат 20.000 лица, да ја извести јавноста во моментот кога одлучил. (Тв Телма/Слободен печат)

Во интервјуто таа потврди дека судовите во земјата имаат одлична пракса на којашто може да се угледаат и како прв пример го посочи постапувањето на Судот во Стразбур, кој истиот ден кога е донесена одлуката по некој предмет, покрај тоа што се објавува на веб-страницата на судот, се доставува во исто време до засегнатите страни, се изготвува и соопштение за јавноста во кое е содржано сижето или краток опис на образложението на пресудата во неколку пасуси, а за поинтересните случаи не само во Стразбур, туку и кај други повисоки судови се закажува и прес-конференција на која судиите ја образлагаат својата одлука уште пред да биде изготвено деталното образложение.

Лазарова-Трајковска дури и Основниот кривичен суд во Скопје го издвои како суд кој има многу подобра пракса на комуникација со медиумите и со јавноста, за разлика од другите судови.

 

Нетранспарентноста на судиите во РСМ одамна е предмет на експертска јавност

Впрочем, проблемот со транспарентноста на правосудството генерално и на судовите во РСМ одамна се предмет на интерес на експертската јавност. Во таа насока се изречени и изготвени многу констатации, анализи, извештаи и стратегии.

Последни два документа кои може да се посочат се ,,Документ за политики за транспарентноста, отчетноста и ефективноста на судството со фокус на судовите и судската администрација‘‘ и Стратегијата за унапредување на транспарентноста преку јавната комуникација, што ја има изработено Основниот кривичен суд во Скопје.

И во еден од извештаите на Метаморфозис за реформскиот напредокот во областа на човековите права, во делот на правосудството од аспект на транспарентноста, еден од експертите изјави:

Има судии и обвинители што исклучително добро ги разбираат улогата на јавноста и значењето на транспарентноста за подобра и поточна перцепција на јавноста кон правосудството, вклучувајќи го и известувањето на медиумите. Но, можам да кажам дека тоа се, сепак, само одделни случаи. Поголемиот број судии и јавни обвинители сѐ уште не ја разбираат суштината на транспарентноста. Оттаму, сметам дека најпрво е потребно и во Академијата за судии и јавни обвинители, многу посериозно во образовниот процес да влезе оваа материја за транспарентноста, да имаат обуки, па дури и вежби за пресконференции, однесување пред камера или микрофон и слично. Второ, мора да дојде до измена на клучни закони кои ќе ја прецизираат и гарантираат транспарентноста, но, на крајот, неизбежно ќе биде и да се почека генерациска смена и кај судиите и кај јавните обвинители, заклучува експертот. (види на стр.35 од Извештајот)

Судско-медиумскиот совет во насока на транспарентно судство во 2020 година изготви Прирачник, кој е наменет и за новинарите што известуваат од судовите, но и за самите судии.

Поради сите погоре посочени аргументи, може да се оцени дека изјавата на вицепремиерката Грковска, што беше предмет на оваа рецензија, е вистина.

 

Извори:

 

Оценил:Теофил Блажевски