fbpx

Привремени вработувања преку агенции во повеќе општини од Полошкиот регион

-

Општините Тетово, Гостивар и Боговиње од Полошкиот регион неодамна склучиле договори за привремени вработувања со агенции за вработување. Договорот на Тетово е со највисок износ споредено со останатите две општини. Трите општини демантираат дека ваквите вработувања се партиски, иако привремените вработувања беа критикувани во извештаите на Европската комисија како начин за вработување на „партиски војници“ во институциите, пишува Порталб.мк.

Според јавните набавки, општина Тетово на 31 март годинава склучила договор за привремени вработувања со агенцијата за вработување „Џоб 2011“ од Скопје во износ од 18.290,00 милиони денари (околу 297 илјади евра).

Од Општина Тетово, за разлика од општините Гостивар и Боговиње, не сметаа дека е сходно да одговорат на нашите прашања за оваа работа.

Но, повикувајќи се на изјава дадена пред неколку дена, градоначалникот рече дека општина Тетово има потреба за вработување.

„Средствата се за привремени вработувања. Уште кога дојдов во општината кажав дека ќе бидат ангажирани минимален број луѓе кои ќе работат за општина Тетово и дека тоа ќе биде со договор на дело, така што сите вработени за кои општината има потреба да ги ангажира да работат на одредени обврски, а кои се во систематизацијата ќе бидат ангажирани со привремени вработувања преку приватна агенција“, изјави Касами.

Ваквите вработувања отвораат сомнеж дека вработените се партиски активисти, а на прашањето дали ќе го објават списокот како што тоа го направија со договорите на дело, од Општина Тетово повторно не одговорија, иако рекоа дека ќе одговорат на нашите прашања.

„Имаме вработени со трајни решенија кои се врз основа на систематизација, и ако сакаме да бидеме целосно транспарентни тогаш мора да ја видиме правната основа за да се објави списокот на сите вработени во општина Тетово, и со трајни и привремени решенија. За мене не е проблем сите да бидат објавени, бидејќи списокот или овие вработени се во списокот што веќе го објавивме бидејќи немавме таква агенција, тие имаа договор, па сега за значителен дел од нив ќе се платат и придонесите и социјалното осигурување, ќе имаат работа и придонеси согласно законот“, рече Билал Касами на 25 април за ТВ21.

Гостивар не е многу зад Тетово со износот за привремени вработувања

Според јавните набавки, општина Гостивар на 9 декември минатата година склучила договор за привремени вработувања со агенцијата за вработување „Спид“ од Скопје во износ од 17.110.000 денари (околу 277 илјади евра).

Од Општина Гостивар велат дека приватната агенција е ангажирана бидејќи веќе четири години во Министерството за информатичко општество и администрација не поминала систематизацијата и планот за вработување.

„Вработените се ангажирани во систематизирани работни места, согласно потребите на Општината. Сите работни места се предвидени со систематизација и во вработените се ангажирани согласно систематизацијата. Се плаќаат од општинскиот буџет“, изјави Валбон Лимани, претседател на општинскиот Совет на Гостивар.

Лимани рече дека имињата на вработените ќе бидат јавно објавени и демантираат дека се работи за партиски вработувања. Како што рече, ангажирани се луѓе кои ги пополнуваат работните места кои и се потребни на општинската администрација и на Територијалната противпожарна единица Гостивар.

Општина Боговиње склучила договор вреден околу 21 илјада евра

Според јавните набавки, општина Боговиње на 31 март годинава склучила договор со агенцијата за вработување „Мотиви“ од Скопје во износ од 1.298.000 денари (околу 21 илјада евра), за привремени вработувања.

Од оваа општина рекоа дека приватната агенција е ангажирана да ги исполни потребите на Општината со стручен кадар за одредени конкретни работни места.

„Лицата кои се вработени, вршат конкретна стручна работа од својата област. Речиси сите слободни работни места кои се пополнети преку оваа агенција се предвидени со актот за систематизација. Плаќањето се врши од буџетот на Општината. Заради достоинството на вработените не можеме да ги објавуваме имињата“, изјави Шпенд Таири од општина Боговиње.

Тој нагласи дека овие вработувања не се партиски, бидејќи, како што рече, институцијата има потреба од кадар во одредени области.

Инаку, податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека само од 1 јануари 2022 година до крајот на март склучени се над 20 договори меѓу општините и агенциите за привремени вработувања, кои ќе чинат речиси еден милион евра.

Во договорот стои дека не е задолжително да се потроши целата сума предвидена во договорот.

Агенциите за привремени вработувања се еден вид посредник на пазарот на трудот. Тие ги задоволуваат потребите на претпријатијата, кои користат услуги на флексибилна работна сила, од една страна, а од друга страна потребите на работниците за привремено вработување. Но, Законот за агенции за привремени вработувања точно предвидува под кои услови една институција може да склучува договори по овој принцип.

Кај нас привремените вработувања речиси редовно се користат надвор од законот. Државната комисија за спречување на корупцијата уште пред две години реагираше дека „ваквите вработувања се манипулираат и со тоа што вработените се ангажираат да ги извршуваат задачите предвидени со систематизацијата на подолг период а не како што е предвидено со закон, поради зголемен обем на работа, замена на вработен кој е отсутен подолг временски период, или за одредена работа – проекти“.

Истото е потврдено и во Годишниот извештај за имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021 – 2025 година за периодот 01.01.2021 – 31.12.2021 година. Во извештајот се наведува дека Министерството за информатичко општество и администрација се обврзала да ја отстрани можноста за вработување преку агенциите за привремени вработувања и можноста за трансформација на привремените вработувања во редовен работен однос без редовна процедура за вработување. Тоа не беше реализирано во предвидениот рок, односно во втората половина на 2021 година.

Привремените вработувања во последните години беа остро критикувани во извештаите на Европската комисија како можност за ангажирање „партиски војници“ во јавната администрација. Овие вработувања се квалификувани како „намерни, политички и самоволни“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...