И онлајн и на училиште, матурантите се подготвуваат за испитот на зрелоста

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

Учениците во завршна година во училиштата за средно образование, периодов се подготвуваат за полагање на екстерните испити кои се дел од државната матура. Впечатокот кој се добива од разговорот со неколкумина професори и директори на училишта, е дека штрајкот кој неодамна беше ставен во мирување, ретко каде оневозможил да се одржува подготвителна настава за испитот на зрелоста. Некои професори, нејаснотиите околу испитите ги појаснуваат онлајн, а некаде, во училиште, во рамки на дополнителна настава наменета за матурата.

Инаку, на 4 јуни со почеток во 10 часот, учениците ќе полагаат мајчин јазик, а на 13 јуни се полага математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.

Во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“, се одржува редовна настава, како и часови на кои се вежба за матура, најчесто за екстерните предмети, односно македонски јазик, математика, англиски и француски јазик. Татјана Алексиќ, професорката по македонски јазик во ова училиште вели дека таа веќе работи со нејзините ученици уште од јануари, после распустот.

„Мрежно работиме најчесто, јас сум на линк со учениците постојано. Не велам дека е добро ова што се случи со штрајкот, но знам дека ќе се надомести. Сепак ова се „корчагинци“. Ние правиме вежби за матурскиот испит уште од јануари, па имаме континуитет. Есејот носи најмногу поени, 13. Ако не знаат да направат композиција на есеј, односно, што се состои во воведот, што во главниот дел и т.н., тие губат поени на есејот. Но искуството покажува дека нашите ученици постигнуваат одлични резултати“, вели Алексиќ.

Таа додава дека од минатата година, есејот е на слободна тема.

„Најслаби се по граматика. Се случува понекогаш брилијантни ученици, да не препознаат глаголска именка. Изучувањето на граматиката, според мене, треба да заврши во деветолетка, а сега да ставиме акцент на критичка форма и работа на литературни дела“, додава професорката.

Подготвителна настава за матурските испити има и во средното стручно училиште „Јане Сандански“ во Битола. Директорот Александар Цветкоски за Мета.мк вели дека немало прекин во одржувањето на тие часови.

„Часовите се одржуваат онлајн, бидејќи ние имавме некои градежни работи, чекаме дозвола за објектот. Матурантите се подготвуваат за мајчин јазик со нивната професорка. Имавме професори што беа во штрајк, но тоа не влијаеше на подготовките за матурскиот испит. Со англиски јазик немаме проблем исто така, часовите се одржуваат“, вели Цветкоски.

Во средното стручно училиште „Михајло Пупин“ има редовна настава, како и подготвителна настава за државната матура.

Сепак, има и одредени училишта во кои поради штрајкот беше одложена дополнителната настава. Андреј Манолев, директорот на гимназијата „Никола Карев“ информира дека во периодот додека траел двонеделниот штрајк, немало подготовки за државна матура.

„Факт е дека учениците треба да се подготват и дека треба да има одредена програма врз основа на која ќе се спремаат за предметите од државна матура. Но, ќе се најде начин и можности професорите да ги подготват децата. Од 66 професори, кај нас 50 беа во штрајк. Во училиштето редовна настава имаа учениците од прва и втора година, но оние од трета и од четврта година, не се појавуваа“, вели Манолев.

Тој кажа дека секој ден, како директор има обврска да испраќа информација до МОН и до Град Скопје, за тоа, дали се одржува наставата и колку деца биле присутни на настава.