Пред очите на светските историчари, новинар сака да ја побугари Охридската архиепископија

-

Средбата на техничкиот премиер Оливер Спасовски поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев со Цариградскиот патријарх Вартоломеј, предизвика одгласи во балканските медиуми, коишто во најголемиот дел поприлично суво и технички ги пренесуваа соопштенијата од македонската влада и, се разбира од Цариградската патријаршија, како и вестите во македонските медиуми. Иако, изненадувачки, дури и такви портали или новински агенции со повремени  шовинистички пројави кон Македонија или пак со многу непрофесионално известување за настаните и приликите во земјава, како руската агенција „Спутњик“ во изданието на српски јазик, потоа бугарските приватни новински агенции „Фокус“ и БГНЕС, српската телевизија „Пинк“, српските новински сајтови „Курир“ и „Ало“, прилично технички и во рамките на професионалните новинарски стандарди известија за средбата што се одржа во Истанбул во понеделникот, коректно назначувајќи дека пренесуваат информација од балканската новинска агенција ИБНА, некои истакнати новинари се зафатија со дезинформации во врска со оваа средба и развојот на настаните по неа.

Трагедија и за БПЦ и за сите Бугари?

Така, Горан Благоев, водител на верската емисија „Вера и општество“ и на јавниот радиодифузер во Бугарија, Бугарската национална телевизија (БНТ), во изјава за бугарскиот новински сајт „Фактор“, меѓу неколкуте тврдења, вели дека ако на крајот Цариградскиот патријарх сепак даде автокефалија на „црквата во Македонија “под името „Охридска архиепископија“ ќе значи трагедија не само за Синодот на  Бугарската православна црква, туку и за сите Бугари.

„Во ветувањето на Вартоломеј да ја признае црквата во Повардарието под името „Охридска архиепископија“ се крие перспектива за тотална промена на историската вистина. Вистина, којашто е дел од сеќавањето на сите Бугари. Ако Цариградскиот патријарх ја следи таа вистина, тој би требало да ја признае црквата под целосното име, односно, Архиепископија на Охрид и цела Бугарија’“, вели Благоев.

Овие зборови од човекот што е поприлично упатен во верските прилики не само во Бугарија туку и пошироко на Балканот, кога ќе се соочат со добропознатите факти, стануваат во најмала рака дезинформации, а во најлошиот случај и невистинити.

„Цела Бугарија“ во неколку туѓи царства?

Како прво, Горан Благоев сака да веруваме дека она „и цела Бугарија“ се однесува „и на сите Бугари“ како и дека целото население што го опфаќале бугарските царства, но и Самоиловото царство и Душановото царство, а да не ги спомнуваме Ромејското царство (Византија) и Отоманската империја, биле Бугари. Но светската историографија одамна констатирала дека тоа не е така (за да не должиме многу, оти трудови на темата Балканска историја има илјадници, а луѓе што докторирале на балканските прилики низ вековите се бројат на стотици низ целиот свет, еве само еден пример – страници 4 и 5).

Охридската архиепископија е формирана во 1018 година, од ромејскиот император Василиј Втори, под името Архиепископија на Јустинијана Прима и цела Бугарија. Но тоа име се однесува не на независна држава, односно кралство, туку на тема, односно област, во рамките на империјата империјата која се владеела од Константинопол. Архиепископите на оваа црковна јурисдикција, односно територија, речиси по правило доаѓале од Ромејското царство, во кое темата „Бугарија“, во различни периоди опфаќала територии на Балканот од Војводина на југ, делови од сегашна Италија, јадранскиот брег и сите територии до западна Бугарија.

А дека Охридската архиепископија не била „чистокрвно“ бугарска, зборува и фактот што по два и пол века од формирањето на погоренаведената архиепископија, во Второто бугарско царство се формира Трновската архиепископија, кон која царот Калојан и неговите наследници не успеваат да ја припојат Охридската. За да станат работите покомплицирани, во раниот 13. век се формира и српската Жичка архиепископија (подоцна Пеќка), во која се анектирани Скопската и Дебарската епархија, но Охридската архиепископија го задржува својот автокефален статус и во времето на Душановото царство, кога пред крунисувањето на Душан за цар, Пеќката архиепископија е прогласена за патријаршија и двете црковни јурисдикции постојат една покрај друга, иако се на територијата на едно царство.

Бугарска архиепископија кога Бугарите „се истопиле“

Во времето до нејзиното укинување во 1767 година од страна на султанот, кој со тоа одговорил на барањата на Цариградската патријаршија, се случуваат многу намалувања и зголемувања на територијата што ја опфаќала Охридската архиепископија, но сосема сигурно е дека таа ги преживува бурните времиња на укинувањето на Трновската и на Пеќската патријаршија и ја презема нивната јурисдикција, т.е. некогашна територија.

Исто така е сигурно и дека Охридската не била архиепископија само на Бугарите (исто како што не била архиепископија само на Грците, иако во голем период Ромејското и Отоманското царство така се нарекувало населението на балканските простори). Оти сепак, најчестото споменување и во историографијата и во историјата на најголемиот број на населението е „претежно славјанско“. Интересно е и што во периодот од османлиското освојување на овие балкански територии, со гаснењето на бугарското царство, гасне и бугарската национална самосвест, сè до времето кога сега еден светец – Пајсиј Хиландарски, чие дело „Историја славјаноблгарска“, водачот на најзначајната бугарска емисија за верите – „Вера и општество“ би требало да го познава, бидејќи се смета за почетокот на Бугарската преродба. Тоа е добро сублимирано во статијата на Википедија на бугарски јазик.

Со други зборови, Горан Благоев испука во празно – односно промаши, бидејќи ако тврдењето го заснова на одредени периоди на постоење на вистинските бугарски царства, тогаш истото имаат право да го прават и луѓе со негов ментален склоп во денешна Србија, Грција… па ќе треба да се седнат на еден „конгрес“ и конечно на светот да му кажат кој од нив има повеќе право, кога веќе светската историографија не им дава примат ниту на бугарскиот, ниту на српскиот, ниту на грчкиот дискурс.

Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел и фокусирање кон политичко решение

Францускиот претседател Емануел Макрон повика на запирање на испораката на оружје за Израел за употреба во Газа, што предизвика критики од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пишува Би-Би-Си. Макрон за...