Членовите на собраниската комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Агенцијата за разунавање (АР) од редовите на СДСМ на денешната седница побарале информации од двете служби за насилствата од Собранието од 27 април и за дипломатскиот скандал со Србија.

Пратенциите побарале информации за улогата на институциите во насилствата во Собранието, додека за случајот со Србија била побарана информација за можната вклученост на луѓе вработени во УБК и АР.

– Побаравме да ни достават информации за одредни причини, конверзации и контакти и се она што е од интерес за Македонија во градењето на добрососедските односи и меѓународното позиционирање да има аргументи на издржана политика, а не на политика заснована на дезинформации – рече пратеничката на СДСМ и член на Комисијата Фросина Ташевска – Ременски, која беше единствената што даде изјава по седницата.

Инаку, на денешната седница на Комисијата на дневен ред беа извештаите за работата на УБК и на АР за 2016 година. Нив ги презентираа лично директорите на УБК, Горан Николовски и на АР, Зоран Иванов, а седницата траеше речиси три часа.

На барање на претседателот на Комисијата, Трајко Вељаноски јавноста беше исклучена од следењето на седницата, бидејќи податоците во извештајот се класифицирани со степен на „Државна тајна“.