Повторно нападната студентка на ПМФ, ѝ го украл телефонот и ја турнал

Нападот на истата локација се случува неполни три месеци откако студентите на ПМФ се жалеа и побараа засилување на безбедноста околу институцијата

Дел од скалите што треба да ги поминат студентите за да стигнат до ПМФ / фото: Мета.мк (ноември 2023)

Дваесетгодишна студентка вчера околу 9 часот наутро кај Природно-математичкиот факултет (ПМФ) во Скопје била нападната од страна на едно лице, кое ѝ го одзело мобилниот телефон и ја турнал. Нападот на оваа локација се случува неполни три месеци откако студентите на ПМФ се жалеа и побараа засилување на безбедноста околу институцијата.

За нападот на студентката првично објави нејзината сестра. Таа на Фејсбук напиша дека откако студентката се обидела да се одбрани, напаѓачот ѝ ја свиткал раката насилно и ја турнал на улица.

Мета.мк се обрати и до Министерството за внатрешни работи (МВР), од каде го потврдија случајот.

„На 23.01.2024 во 12.30 часот во СВР Скопје, С.М.(20) од Скопје пријавила дека околу 09.15 часот на ул. „Архимедова“ во Скопје, едно лице насилно ѝ го одзело мобилниот телефон и ја турнал. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираа од МВР.

Мета.мк стапи во контакт со сестрата на нападнатата студентка, која реагираше дека неколку месеци по другите кражби и напади, локацијата повторно е необезбедена. Таа рече дека неодамна била нападната уште една студентка на ПМФ, но бидејќи во тој момент имало обезбедување, крадецот не успеал во намерата.

„Пред некое време имаше нападнато и нејзина колешка, но тоа беше кога донесоа обезбедување, па тој веднаш реагирал и ништо не ѝ било одземено. Сега нема никој некое време“, вели Тамара, сестрата на нападнатата студентка.

Тендерот за ангажирање на фирма за обезбедување на ПМФ заврши на 28 декември минатата година, но на веб-страницата на Бирото за јавни набавки сè уште нема резултати за тоа дали е избрана одредена компанија за обезбедување.

Кражбите и физичките напади на локацијата околу Природно-математичкиот факултет на УКИМ зачестија изминатава година.

Порталб.мк во ноември објави дека студентите на овој факултет се жалат што во близина на ПМФ во доцните попладневни часови, по наставата, непознати лица под закана со нож ги напаѓаат и ограбуваат.

Полициските власти потврдија три вакви случаи од јуни до ноември, а сторителите не беа приведени.

Студентите на ПМФ потпишаа и петиција со неколку барања за зголемување на нивната безбедност. ПМФ се наоѓа на ридот Гази Баба, па за да стигнат до факултетот, студентите треба да се качуваат по скали на коишто нема соодветно улично осветлување или безбедносни камери.

Откако Порталб.мк објави, патот кон ПМФ доби чувари и осветлување, но само привремено. Порталб и Мета во ноември го посетија факултетот и разговараа со загрижените студенти. Дел од нив изјавија дека кражбите и нападите биле вообичаени за локацијата со години – студентите биле напаѓани, а нивните лични работи крадени.

По кражбите и нападите на студентите, ПМФ доби чувари и улично осветлување (ВИДЕО)