Студентите на Природно-математичкиот факултет во Скопје мета на крадци, бараат итни безбедносни мерки

По пат, кај „гробиштата“ се качуваше еден човек и пред да се разминеме извади нож и ми рече да му го дадам телефонот. Јас одбив и тогаш тој ми го стави ножот до стомакот и му го дадов бидејќи сфатив дека сум далеку од место каде што има луѓе и каде што можам да побарам помош ако ме повреди, раскажува еден студент

фото: Принтскрин од Гугл Мапс

Студенти на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје се жалат дека во близина на факултетот во доцните попладневни часови, по наставата, непознати лица под закана со нож ги напаѓаат и ограбуваат. Полициските власти потврдија дека од јуни досега, во полиција биле пријавени три вакви случаи, но дека сторителите не се приведени.

Студентите потпишале петиција со неколку барања за зголемување на нивната безбедност, известува Порталб.мк

ПМФ се наоѓа на ридот Гази Баба. За да стигнат до факултетот, студентите треба да се качуваат по скали на кои што нема улично осветлување или безбедносни камери.

Како што може да се види и на мапата од „Гугл мапс“, местото каде што се нападнати студентите е далеку од другите објекти и во близина често нема други минувачи. Скалите минуваат низ шумата и тоа им го олеснува криењето или бегањето на напаѓачите.

фото: Принтскрин од Гугл Мапс

Студентот кој бил нападнат на 28 октомври годинава (сабота), и кој побара да остане анонимен, за Порталб.мк вели дека бил нападнат откако ја завршил праксата на факултетот и брзал да го фати автобусот, кога еден маж му се заканил со нож и му го зел телефонот.

„Инцидентот се случи во сабота, кога бев на задолжителна пракса определена од факултетот од една од катедрите. Кога завршив, во 16 часот, се упатив надолу за да го фатам автобусот. По пат, кај „гробиштата“ се качуваше еден човек и пред да се разминеме извади нож и ми рече да му го дадам телефонот. Јас одбив и тогаш тој ми го стави ножот до стомакот и му го дадов бидејќи сфатив дека сум далеку од место каде што има луѓе и каде што можам да побарам помош ако ме повреди. Пријавив во полиција, но сè уште немам информации за идентитетот на човекот. Зборував и со продеканката на факултетот, ми рече дека веднаш ќе реагира, но не знам како ќе се сменат работите, бидејќи така било и кога таа била студентка“, вели студентот за Порталб.мк.

Неговиот случај го потврдуваат и од полицијата и објаснуваат дека уште на двајца им биле украдени телефоните, но сторителите сè уште не се пронајдени.

„Во СВР Скопје пријавени се три кривични дела, извршени од досега непознати сторители, од кои две се тешка кражба и едно кривично дело кражба, извршени на 12.06.2023 година (среда), 27.07.2023 година (четврток) и 28.10.2023 година (сабота), во попладневните часови во близина на Природно-математичкиот факултет, при што оштетените (едно момче и две девојки), кои се на возраст од 20 до 23 години, еден од Скопје и двајца од другите градови, им биле одземени мобилните телефони“, велат од МВР за Порталб.мк.

„Порталб“ од полицијата побарал информација зошто не поставува полициски патроли на факултетскиот кампус, со оглед на ваквите случаи на загрозување на безбедноста на студентите, но до објавувањето на текстот, одговор не стигнал.

За Порталб.мк студентите велат дека потпишале еден документ со неколку барања до факултетот:

• Да има осигурување на најмалку две локации во кампусот;
• Да има полициски патроли за да се обезбеди околината;
• Студентите кои имаат предавања до доцните попладневни часови, да бидат придружувани од обезбедувањето;
• Паркингот на факултетот да се среди со рампи;
• Факултетот да побара од Општина Гази Баба осветлување на патот и скалите што водат до факултетот;
• Да се избегнува каква било активност за време на викендот, кога се знае дека е неработен ден и тоа се злоупотребува од неодговорни луѓе.

Целосниот документ со барањата можете да го видите тука.

Во врска со овие барања, Порталб.мк доставил прашања до Општина Гази Баба и до УКИМ, но до објавувањето на овој напис не добил никаков одговор.