По кражбите и нападите на студентите, ПМФ доби чувари и улично осветлување (ВИДЕО)

За да стигнат до факултетот, студентите треба да се качуваат по скали на коишто што до пред три дена немаше улично осветлување, безбедносни камери, а од јуни годинава пријавени се три случаи на нападнати студенти  од крадци

Скалите на патеката до Природно-математичкиот факултет во Гази Баба / Фото: Порталб.мк

Студентското собрание при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и деканот на ПМФ, Даворин Трпевски, во вторникот, 14 ноември, ги извеестија студентите на Природно-математичкиот факултет дека објектот ќе има чувари, а вежби веќе нема да се одржуваат по 16 часот и дека ќе се зголеми безбедноста на ова место.

За да го потврдат сето ова, новинарите на Порталб.мк и Мета.мк вчера попладне го посетија факултетот и забележаа дека има улично осветлување и чувар кој го чува целиот простор во близина на кампусот. Студентите тврдат дека сето ова се случило во последните три дена.

Студенти на Природно-математичкиот Факултет минатата недела за Порталб.мк се пожалија дека при одење или враќање од факултет биле нападнати од непознати лица и им биле украдени лични работи.

По алармирањето од Порталб.мк, Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ објави соопштение во кое пишуваше дека барањата на студентите ќе бидат исполнети, и накратко после тоа и деканот ги извести студентите за тоа и кажа дека до наоѓање на агенција за обезбедување на имотот во кампусот, на локацијата ќе има чувар кој ќе ги придружува студентите долж скалите до факултетот.

Тој исто така извести дека ќе има и полициски патроли и дека сите активности во рамки на факултетот ќе завршуваат до 17 часот, а пак за време на викендот нема да се одржуваат никакви активности.

Новинарите на Порталб.мк и Мета.мк вчера во доцните попладневни часови беа на терен на факултетот, за да видат со што се соочуваат студентите секојдневно одејќи на предавања и дали всушност се обезбедени најавените мерки.

Скалите кои водат до факултетот беа осветлени, но на некои делови од патот сè уште беше темно, како на пример на паркингот на факултетот кој се наоѓа во близина на зградата.

Студент од прва година за Порталб.мк изјави дека од вторникот на факултетот има чувар кој го чува целиот простор на факултетот и дека се поставени светилки.

На новинарско прашање дали сè уште имаат активности по 17 часот и дали имаат активности за време на викендот, студентот истакна дека во доцните попладневни часови нема никакви активности, но дека оваа сабота и следниот викенд има закажан колоквиум, иако од универзитетот најавија дека за време на викендот нема да се одржуваат никакви активности.

Друга студентка, во трет циклус студии, која студира на овој факултет од 2011 година, рече дека откако памети, работите на факултетот биле вакви – студентите биле напаѓани, а нивните лични работи крадени.

Таа тврдеше и дека и претходно имало осветлување, но дека светилките ги оштетиле жителите кои живеат во близина на факултетот.

„Осветлување имало и порано, но често се случува жителите кои живеат во близина на факултетот да ги скршат и да ги оштетуваат светилките. Не знам зошто, но сè уште сме во мрак бидејќи треба да се сменат и за тоа е потребно време“, рече студентката.

Покрај проблемот со крадците и неодговорните луѓе, студентката изјави дека имаат проблем и со кучињата скитници и со кучињата кои жителите ги чуваат за борби а се пуштени да шетаат слободно.

„Друг проблем со кој се соочуваме се кучињата скитници, но и кучињата кои се користат за борби на кучиња. Жителите Албанци кои живеат во близина на факултетот, чуваат големи кучиња од расата „Кангал“ и ги пуштаат да шетаат слободно. Понекогаш кучињата се собираат пред зградата на факултетот и ни чуварот не може да излезе, нема што да правиме“, изјави студентката.

На прашањето дали видела полициски патроли како го проверуваат местото, таа рече дека нив ги има само кога ќе се случи нешто или кога следат некого.

Група студенти од втора година велат дека внимаваат да не останат сами на патеката и гледаат да одат заедно на факултет, бидејќи не се чувствуваат безбедно. Досега, затоа што немаше улично осветлување, тие патот го осветлувале со нивните телефони. Исто така велат дека и минатата година имало повеќе вакви случаи, но дека не ги пријавиле.

Природно-математичкиот факултет се наоѓа во Општина Гази Баба во Скопје, поточно во близина на ридот Гази Баба. За да стигнат до факултетот, студентите треба да се качуваат по скали на коишто што до пред три дена немаше улично осветлување, безбедносни камери, а од јуни годинава пријавени се три случаи на нападнати студенти од крадци.

Студентите на ПМФ минатата седмица потпишаа петиција со повеќе барања до факултетот за зголемување на безбедноста на студентите на пат кон факултетот.

Откако Порталб алармираше за поплаките на студентите, Универзитетот преку социјалните мрежи ги информираше студентите дека ќе се преземат мерки.

Новинарка: Афије Шерифи