Поранешниот судија Теофиловски прв ги осети измените во КЗ – застаре делото за злоупотреба тешка 860.000 евра

Наместо во 2051 година, сега застаре делото за поранешниот член на Судскиот совет - судијата од Тетово Зоран Теофиловски, на кој му се судеше за злоупотреба на службената положба

Фото: Мета.мк

Последиците од измените во Кривичниот законик (КЗ), со кои се предвидуваат пониски казни, но и побрзо застарување на делата злоупотреба на службата, несовесно работење и злосторничко здружување, денеска за првпат се видоа во судница. Наместо во 2051 година, сега застаре делото за поранешниот член на Судскиот совет – судијата од Тетово Зоран Теофиловски, на кој му се судеше за злоупотреба на службената положба.

Обвинителството, како што соопштија од Коалицијата за правично судење кое вршело мониторинг на случајот, денеска предложило судот да донесе решение за запирање на кривичната постапка поради измените на Кривичниот законик. Судот донел решение со кое ја запре постапката поради настапување на апсолутна застареност на кривичното гонење.

Теофиловски беше обвинет дека кон крајот на месец август 2011 година, како тогаш одговорно лице – претседател на спортско здружение од Тетово, со намера противправно да се изврши упис на право на сопственост, поднесувајќи лажни докази, почнал постапка за легализација.

Во истрагата која беше обеледонета во 2019 година, тој беше првоосомничен, заедно со уште седум лица од Општина Тетово за нелегална приватизација и легализација на атрактивното зејмиште вo Тетово, а според обвинителниот акт, државата била оштетена за 860.000 евра.

Судскот совет истата година му го одзеде судискиот имунитет на Теофиловски.

Со оглед на тоа што делото е сторено во 2011 година, апсолутна застареност, според новите законски измени, би требало да има уште во 2021 година.

Па така, со новите измени во КЗ, ако наједноставно треба да се опишат, ниту еден функционер нема да се соочи со казна затвор повисока од 5 години, доколку ја злоупотреби службата. Освен тоа, со застареност се соочуваат сите дела за злоупотреба на службата направени пред 2013 година (претходно апсолутна застареност изнесуваше за 40 години, а сега за 10).

Ова најмногу ќе ги засегне предметите на поранешното Специјално јавно обвинителство, „ТНТ“, „Талир“, „Талир 2“, „Трезор“, „Тарифа“, „Дизајн“, „Топлик“, „Титаник“, „Титаник 2“, „Шпански скали“, „Тврдина-Таргет“ и други.

Денешното рочиште за „Трезор“ беше одложено по барање на јавниот обвинител, поради потребно време за донесување на јавнообвинителска одлука согласно измените на Кривичниот законик.