Ниту затворањето на границите, ниту навивањето Грција да излезе од шенген-зоната, но ни користењето на ситуацијата со бегалците за Македонија да поентира за влез во Европската унија (ЕУ) и во НАТО не ѝ оди во прилог на нашата земја.

Ова го посочува министерот за надворешни работи, Никола Попоски, во колумна во весникот „Катимерини“ околу бегалската криза и проблематичната ситуација со македонско-грчката граница.

Попоски истакнува дека актуелната криза треба да се види не како можност за поентирање на туѓа штета, туку како можност двете страни конечно да ја подобрат соработката.

„Затворањето на границите се коси со основните христијански вредности, идејата да се искористи ситуацијата со бегалците за да напреднеме во ЕУ и во НАТО не ни носи корист, додека, пак, излезот на Грција од шенген-зоната е против европските закони. Она што го гледаме сега е голема можност да соработуваме, да ја зацврстиме довербата и да се надеваме дека инвестирањето во пријателството ќе ги приближи двете држави“, пишува Попоски во колумната.

Тој посочува дека тешките времиња се добра можност да се работи и да се тестираат меѓусебните врски.

„Да си дадеме една шанса“, вели Попоски.

Министерот во колумната се задржува и на досегашните односи меѓу двете страни и како ситуацијата со меѓусебната граница влијаела на двете страни во еден или друг момент. Како што посочува, во Грција северната граница била поврзувана со погрешниот страв дека Македонија сака да ја измени границата и да се прошири кон југ, односно кон грчките територии, додека во Македонија границата се поврзува со непотребното ембарго и стравот од идејата дека Грција би сакала да ги измени македонските граници и да ја подели Македонија за да не постои повеќе.

Независно од политичките проблеми, Попоски коментира дека луѓето и од двете страни преку туризмот и трговската размена секојдневно ги надминувале границите и проблемите. Вели, границите се една од оние работи кои едноставно не може да се гледаат како нешто позитивно.

„Најголемиот успех на Европа е тоа што направи да исчезнат границите. Тоа е и суштината на Европа, целосна, слободна и во благосостојба. Ова ги инспирира и другите земји кои не се во шенген-зоната да ѝ се приклучат“, додава Попоски.

Министерот забележува дека тоа што го посакува Македонија е силно стратешко партнерство со Грција, иако останува вознемиреноста од ставот на Грција за нашиот прием во ЕУ и во НАТО.