Помошта при непогоди – солидарност во систем

Шумски пожар кај Пехчево. Фотографија: Фејсбук-страница на Дирекција за заштита и спасување, 9 август 2021

Македонската јавност до пред некој ден, разбирливо, беше преокупирана со борбата против пожарите. Тие зазедоа такви размери што со нив не можевме да се справиме сами, па побаравме помош. Според податоците досега објавени од Европската комисија и НАТО, преку ЕУ е стигната помошта од Словенија, Бугарија, Австрија и Романија, а од Црна Гора – преку НАТО. Помош добивме и од Србија, пишува Малинка Ристевска – Јорданова, во колумната објавена на „Порталб“.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Во јавноста на преден план беа државите кои помогнаа, а многу често – и нивната опременост, прикажана во споредба со нашата многу критикувана (не)опременост. Да ја разгледаме подетално можеби поздодевната позадина на оваа помош, за која имаше спорадични информации во јавноста – во кои рамки, на кој начин, со кои средства се обезбедува таа.

Веднаш по разгорувањето на пожарите Северна Македонија испрати барање за помош до системите за цивилна заштита на НАТО и ЕУ. Во НАТО тоа е Евроатлантскиот координативен центар за итна реакција (кој функционира во рамки на Евро-атлантскиот партнерски совет), создаден во 1998 година, додека во ЕУ тоа е Механизмот за цивилна заштита, со неговиот Центар за итна реакција, создаден во 2001 година. Инаку, постар и од двата системи – оној на ЕУ и НАТО – е системот на ООН за проценка и координација при непогоди – УНДАК (од 1993 година), кој се ангажира во исклучително тешки катастрофи насекаде во светот.

Механизмите на ЕУ и НАТО имаат слична постапка, во која по приемот на барањето се информираат државите учеснички и се покануваат да дадат помош. Потоа земјата барател решава за приемот на помошта. Додека во НАТО оваа помош е всушност билатерална донација, или е на трошок на земјата корисник, системот на ЕУ за цивилна заштита е посебно финансиран од Буџетот на ЕУ и придонесите на државите кандидати кои учествуваат во него. Инаку, покрај државите членки, во механизмот на ЕУ учествуваат и Исланд, Норвешка, Србија, Северна Македонија, Црна Гора и Турција.

Во тековниот повеќегодишен буџет на Унијата (2021-2027) за Механизмот за цивилна заштита се предвидени повеќе од трикратни средства – над 1,2 милијарди евра, споредено со 386 милиони евра во минатогодишниот седумгодишен период. Покрај тоа, механизмот за обнова на ЕУ поврзан со КОВИД-19 за цивилна заштита има предвидено дополнителни над 2 милијарди евра.

Македонија пристапи на Механизмот на цивилна заштита на ЕУ во 2012 година, како учество во Програмите на ЕУ. За него во периодот 2014-2020 година нашиот придонес, односно таканаречениот „влезен билет“ чинел 32.723 евра, од кои 54% или 17.670 ЕУР сме уплатиле сами, додека остатокот од 46% бил исплатен од ИПА II.

За помош при непогоди, ЕУ учествува со најмногу 75% од транспортните и/или оперативните трошоци на ангажманот.

Сме го користеле овој механизам повеќе пати – меѓу другото, и за поплавите во 2016 година, за мигрантската криза, како и за справувањето со КОВИД-19.

И секако, Македонија не е единствениот корисник, го користат сите членки на ЕУ, членки на Механизмот, а и трети држави во рамки на хуманитарната помош што ја пружа ЕУ. Конкретно овој месец ЕУ им помага и на Грција, Италија, Турција, Албанија и Алжир во борбата против пожарите. Од основањето во 2001 година активиран е 420 пати, а само во 2020 година – 100 пати. Секако за ова придонесе пандемијата на КОВИД-19. И многу поразвиени држави од нас се негови корисници. Таков пример е помошта што Белгија ја доби од ЕУ за поплавите во јули оваа година. Смислата на Механизмот е токму тоа – да се сплотат силите за да може да се одговори на катастрофи од големи размери, со кои државата не може сама да се справи.

Меѓутоа, Механизмот не се исцрпува само со итната помош при непогоди, туку содржи и активности за превенција и подготвеност (на пр. обуки), воспоставената резерва на дополнителни капацитети, како и пулот на национални ресурси. Нашата држава ја користеше и поддршката со сателитските карти кои ги обезбедува Службата Коперникус за управување со кризи, па така снимките од опфатот на пожарите можат да се видат на нејзината веб страна.

Се чини дека за нашата држава се очигледни придобивките од учеството во системите за цивилна заштита на НАТО и ЕУ. Сепак, време е за подлабока анализа и повисоко ниво на дискусија – што можеме повеќе да научиме, но и како можеме да придонесеме, зашто солидарноста, и кога е во систем, не е еднонасочна патека.