Обвинителството на Босна и Херцеговина подигна обвинение против претседателот на Република Српска, Милорад Додик и в.д. директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ, објави сараевскиот весник Ослобоџење. Двајцата се товарат за казненото дело неизвршување на одлука од високиот претставник на БиХ.
Додик потпиша указ за прогласување на Законот за необјавување, односно неизвршување на одлука на високиот меѓународен претставник за БиХ во Службениот весник на Република Српска, како и указ за прогласување на Закон за неспроведување на одлуките на босанскиот Уставен суд во рамките на Република Српска.
Обвинението против двајцата високи функционери на Република Српска е испратено на потврдување и до босанскиот суд. Радио-телевизија Србија објави дека босанскиот Кривичен законик предвидува казна затвор од шест месеци до пет години за секој функционер кој нема да го примени, спроведе, изврши или на друг начин не ја почитува одлуката на високиот претставник за Босна и Херцеговина.
Милорад Додик подолго време е во отворен конфликт со Кристијан Шмит, кој во моментов се наоѓа на позицијата висок меѓународен претставник за Босна и Херцеговина. Токму овој претставник е водечката организација за имплементација на мирот во Босна и Херцеговина со постигнатиот Дејтонски мировен договор кој е потпишан во 1995 година. Тој е задолжен за спроведување на цивилните аспекти на мировниот договор во БиХ.
Пред покренувањето на обвинението, Милорад Додик и Милош Лукиќ во јули беа сослушани од Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА). Претходно, Лукиќ беше избран на директорската позиција на Службениот весник на Република Српска откако претходната директорка ја напушти позицијата под притисокот да направи кривично дело.
Инаку, парламентот на Република Српска најпрво ги усвои двата закона за необјавување и неспроведување на одлуките на босанскиот Уставен суд на територијата на овој ентитет, по што Кристијан Шмит двата закони ги прогласи за ништовни. И покрај ова, Милорад Додик ги потпиша указите за прогласување на двата закона, а Милош Лукиќ ги објави во Службениот весник на Република Српска.