ВИДЕО-СТОРИЈА: Кучињата „инспектори“ од Царина – преку ден трагачи на дрога и пари, навечер членови на семејството

Во видео сторијата на Мета.мк царинските службеници кои се грижат за царинските кучиња, објаснуваат и демонстрираат како тече нивниот тренинг и каде се крие „тајната“ во спречувањето на обидите за криумчарење на нелегалните супстанци - шест видови дрога, четири видови валути и оружје

-

Марихуана, кокаин, хероин, екстази, амфитамини, евра, долари, фунти, оружје се само дел од работите кои петте ангажирани кучиња во К9 единицата при Царинската управа можат да ги „намирисаат“ при нелегален влез во државата.

Во сторијата на Мета.мк направена во соработка со „А1он“, царинските службеници кои се грижат за овие кучиња, објаснуваат и демонстрираат како тече нивниот тренинг и каде се крие „тајната“ во спречувањето на обидите за криумчарење на нелегалните супстанци.

Она по што се разликуваат овие кучиња од полициските или армиските, е дека нивните водичи ги чуваат дома. Целиот работен, но и животен век, царинските кучиња од К9 единицата ги поминуваат со нивните водичи, и во домашни и во работни услови. Досега не се памети некој од царинските инспектори по завршувањето на работниот век на кучето, да го остави на Царинската управа, туку потпишува договор дека ќе го чува и ќе се грижи за него до крајот на неговиот живот.

Расата не е важна, објаснуваат царинските инспектори од К9 единицата за Мета.мк. Важно е кучето да е здраво, социјализирано и да има исклучително високо развиено сетило за мирис. Во последно време, се преферира царинските кучиња да бидат од помали раси кои се брзи во движењето, а сепак да не ги плашат патниците и да не бидат премногу груби во трагањето по нелегални супстанци, за да не ги оштетат возилата или пратките.

Тајната при тренингот на овие кучиња се крие во топката, велат тие, објаснувајќи дека комплетни дезинформации се тврдењата дека овие кучиња примаат наркотици, за да можат да најдат наркотици. Кучето се дресира прво да носи и да враќа топка, но и да не се откажува доколку не успее да ја најде. Врзувајќи се со мирисот на топката, потоа кучето се учи и на останатите мириси, откако внатре ќе му се подметне некој вид дрога, пари од четири различни валути или пак оружје. Тие мириси кучето ги учи додека ја бара својата топка и во „акциите“ тоа практично трага по својата играчка.

„Тоа за него е игра. Според старата школа, кога кучето ќе го намириса или кога ќе најде криумчарена роба, тоа почнува да копа. Сега, овие кучиња, функционираат поинаку, односно во моментот кога ќе намирисаат нешто, седнуваат во место, се вкопуваат и така ни даваат индикација каде да бараме“, објаснуваат царинските инспектори.

К9 единицата при Царинската управа функционира повеќе од 25 години. Започнала да работи со две кучиња, а сега има пет. Последното донесено куче беше неодамна – Бади, 11-месечен лабрадор дониран од Германија.

Процентот на успешни работни акции на овие кучиња, според податоците од Царината, е околу 90 отсто.

Суета и политика – власта заборава каква била во опозиција

Премиерот Мицкоски е сигурно во право кога апелира до опозицијата на отстранување на суетите во политиката при носење јавни оценки за политиките на власта, но е недоследен во својот...