Порано читавме „каубојски“ стрипови, денес може да гејмаме како Американци-домородци

За разлика од стриповите, филмовите и музичките групи од минатото, во денешно време сите можеме да гејмаме со новите игри, во кои централни ликови се Американците-домородци.

Naslovna Amerikanec Starosecelec izvor YouTube
Принтскрин од игра

Сите народи на Балканот имаат фасцинација од Индијанците поради големата популарност на „каубојските“ стрипови во минатото, од кои најпозната е едицијата „Лунов Магнус Стрип“ што излегуваше во преводи во бившата СФРЈ. Од овој тип на стрипови и оние на „Бонели“, каде фигурираат Индијанците за позитивни ликови, како што се: стрипот „Загор“ (за кој имаме и претходни написи), „Текс“, „Капетан Мики“, „Блек Стена“ и други, од кои во последно време најпознат и најдобар е „Кен Паркер“, многу млади луѓе тогаш развија афинитет кон Американците-домородци.

Од овие стрипови, младите тогаш почнаа да се интересираат и за книги за нив, а имаше голем број стрип фанови што станаа доста респектабилни истражувачи на ова поле. Како аматери, не само што ги знаеја сите индијански племиња на памет, туку акумулираа и многу знаење за нивниот начин на живот, облеката, традицијата и обичаите.

Обичаите на Индијанците за нивното именување според способности слични со животни, закопувањето на секирите наречени Томахавки и нивното откопување кога се оди во војна, како и пушењето на „Лулето на мирот“ при примирје и непоседувањето земја и номадски начин на живот, се воодушевувачки културни обрасци на многумина до денес.

Секако, во периодот на осумдесетите и деведесетите години на минатиот век се појавија и многу популарни филмови, како што се: Последниот Мохиканец, Танц со Волците со Кевин Костнер, Crazy Horse, Young Guns со Емилио Естевез, Dead Man и многу други од тој период.

Во тој период, еден од најпознатите бендови беше Ајрон Мејден и песната „Run To The Hills“, што ја обработува холивудизацијата на тема „каубојци и индијанци“, дури и со исечоци од стари филмови кои ја карикираат темата. Текстот е трогателен за истребувањето и експлоатацијата на Американците-домородци од “белиот човек”. Во истиот период, беше популарна и песната од Ред Хот Чили Пеперс – „Under the Bridge“, а нејзиниот фронтмен Ентони Кидс има и мохиканско потекло од неговата баба, иако на грбот има истетовирано “птица-громовник” која е симбол од племето Хаида и на тој начин се поврзува со своето потекло на Американец-домодорец.

За разлика од стриповите, филмовите и музичките групи од минатото, во денешно време сите можеме да гејмаме со новите игри, во кои централни ликови се Американците-домородци.

Една од атрактивните игри е на Red Dead Online, каде можете да играте и како Американец-домородец:

 

Исто така, сега фановите на Американците-домородци можат да уживаат во понова игра, каде симулирано би ја испробале фантазијата “да се биде Индијанец”. Тоа го обезбедува онлајн верзијата на Red Dead Online, која што моментално е на голем попуст на Steam до 17 август. Во играта може и да се игра Free Roam односно да се оди по целиот свет на “Дивиот Запад”, има јавање коњи и припитомување на коњи во дивина, одење од град до град, но исто така има и ловење на дивеч по шуми и преријата, па дури и лов на бизони. Се работи за модови специјално направени да се игра со Американец-домородец. Иако има специфични сервери што одговараат за тоа, не се сите сервери компатибилни.

Има и добри видеа на YouTube за историската точност на облеките што ги носеле Американците-домородци и како тоа да се имплеметира во играњето:

 

Исто така, ако ја купите Red Dead Redemption 2, добивате пристап до онлајн верзијата од играта, но двојката нема попуст и се продава 60 евра на Стим. Моментално има голема контраверзија, затоа што првиот дел од оваа игра се препродава без некои посебни подобрувања како ремастер или римејк, за цена од над 50 американски долари и гејмерите деновиве го изразија драстично своето незадоволство од ова. Но, онлајн верзијата е официјално недоградена и девелоперите ставаат и рестрикции за нејзино модирање. Играта можете да ја купите на 50% попуст на следниот линк за цена од 10 евра.

Да се надеваме дека преку овој напис ќе ги инспирираме и новите генерации преку игрите да го развијат интересот за овие теми, затоа што нивното ниво на знаење односно незнаење за овие теми е катастрофално. Имаме информација дека во една од книжарите на „Топер“ во Скопје, каде се продава македонски превод на книгата „Погребајте ми го срцето кај Ранетото Колено“ од Ди Браун, тинејџери а и повозрасни, мислеле дека се работи за љубовен роман, а не за книга што ја обработува историјата на Индијанците. Со неинтересот за читање книги и истражување на новите генерации, повозрасните мораат да прават референци со “поп културата” за да ги насочат да читаат повеќе за било која тема.