Годинава, исто како и секоја година во август во изминатите над две децении, главните македонски партии на политичката сцена во земјава испукаа неколку комуникациски куршуми при одбележувањето на трагичните настани во месноста Карпалак и Љуботенски Бачила од 8 и 10 август 2001 година. Иако нема сомнеж во искреноста на желбата да се одаде почит, факт е дека за начините како да се стори тоа, давањето трајна почит, се спинува и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. Двете партии наместо да го признаат, го кријат фактот дека за две децении не успеале да „испреговараат“ со раководството на некогашната ОНА, ситуирано во политичката партија ДУИ, ниту подигање на меморијални споменици, ниту, пак, политичка волја за научно дефинирање на конфликтот од 2001 година. Ова второто е и тековна основа за натамошни дезинформации и спинови на темата, но и поделби по интра- и интеретничка основа, пишува „Вистиномер“ во новиот Контраспин.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Власта и опозицијата спинуваат за одбележувањето на погибието на 18 припадници од резервниот состав на АРМ во 2001 година, кога беа уловени во заседа од страна на припадници на тогашната ОНА/УЧК кај месноста Карпалак и кај Љуботенски Бачила во близина на Скопје. Еве ги изјавите и соопштенијата во кои може да се детектираат спинови:
С.Петровска: Овие луѓе го дадоа најскапоценото, својот живот за нашата татковина. Лично сметам дека заслужуваат достојно спомен обележје, со кое нема да ги вратиме назад, но ќе имаме место каде достојно ќе даваме почит. Денес до Општина Желино, која е надлежна општина, ќе испратам повторно барање, како што го направив за Вејце, да биде дозволено овде да се изгради достоен споменик. Министерството за одбрана е подготвено тоа да го направи, изјави Славјанка Петровска, министерка за одбрана.
[Извор: Телма ТВ – Петровска/изјава, датум: 08.08.2023]
Х. Мицкоски: 22 години од заседата во Карпалак. Денес сите ќе ги споменат јунаците. Но, дали вистински им се оддолживме како држава? 22 години потоа Македонија се губи од власта на зелена маса. Парче по парче, само затоа што власта така си ги купува привилегиите, удобствата и се оддржува на стаклени нозе. Бранителите се на маргините. Делото на овие јунаци се брани со крената глава, достојно и со ум и со срце за Македонија. Никогаш повеќе ова црно бреме за татковината. Ќе дојдат подостојни. Слава им!
[Извор: Курир – Мицкоски/фб, датум: 08.08.2023]
Д.Костовски: Денес се навршуваат 22 години од крвавиот 10 Август 2001 година кога кај месноста Љуботенски бачила осум припадници на македонските безбедносни сили ги даваат своите животи за Македонија. Нема да оставиме нивната жртва да биде залудна, а нивното дело заборавено. Да ја цениме нашата слобода, нашата земја и заветот за Македонија. Да се одолжуваме кон хероите на тој начин што нема да ја заборавиме нивната жртва. И бидејќи министерката за одбрана Славјанка Петровска јавно посочи дека се уште чека одобрение од Општина Желино за изградба на споменик за хероите од Карпалак, Општина Бутел и јас како нејзин градоначалник сме подготвени да отстапиме веднаш простор и локација, а министерството и владата да инвестираат во градба на достојно спомен обележје на видно место во општината за паднатите херои од Љуботенски бачила. Очекуваме одговор. Државата мора да се грижи за своите херои.Слава им!
[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Костовски со повик до Славјанка…, датум: 10.08.2023]
Контраспин: Запрашана за споменик за загинатите армиски резервисти кај Карпалак на 08.08.2023, власта преку министерката за одбрана Славјанка Петровска невешто одговора дека ќе упатела ново барање до властите во О. Желино (!?) за дозвола за подигнување на истиот.
Лидерот на најголемата опозициска партија Христјан Мицкоски тврди дека државата недостојно им се одолжува на жртвите, бидејќи 22 години бранителите се на маргините, дека нивното јунаштво се брани со крената глава, а Македонија ја губи власта на зелена маса поради привилегиите на актуелнава власт која купува време ама ќе дошле подостојни (власти-н.з.).
Два дена подоцна, на 10.08.2023 градоначалникот од Бутел од редовите од ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски ја предизвикува министерката Петровска и ѝ вели дека Желино тактизира, ама Бутел веднаш ќе обезбеди локација, а вие пари и одлука за градење споменик“, овој пат за жртвите од Љуботенски Бачила, 8 -темина припадници на резервниот состав на АРМ.
Всушност, станува збор за спинови наменети за ширење на дневна доза на патриотизам од страна на најголемите македонски партиите во власт и опозицијата. Министерката, на пример, во чија искреност за почитта што им ја оддава на жртвите од Карпалак воопшто нема основа за сомнеж, сепак, не објаснува зошто повторно ќе упати барање до властите во Општина Желино исто како што сторила и за Вејце и зошто во еден дел од реченицата вели спомен обележје, а во вториот дел вели споменик. А, разликата е голема и може да се види во Законот за меморијални споменици и спомен обележја.
Под споменик се подразбира и со таков се одбележуваат „значајни настани и истакнати личности од историјата и културата на граѓаните на Република Македонија“…(член 2), додека со спомен обележје, исто така, значајни настани и личности, ама кои „се од локално значење“(чл.4). Кај месноста Карпалак, каде постојано во овие изминати 22 години секоја година се собираат роднини и пријатели на загинатите и претставници на државните власти во различен формат, почитта се оддава пред спомен плоча, која што многу често во овие две децении после церемонијата бивала искршена или истргната, а цвеќињата расфрлени, што може да се види и од архивата на Тајм.мк, кога последниот таков настан е регистриран во 2019 година.
Што значи, во суштина и Петровска и другите пред нејзе, секогаш кога давале изјави мислеле на спомен обележје, што би значело намалување на рангот на значењето на 10-те убиени резервисти од значајни личности за историјата на државата во значајни личности од локален карактер. Оттука, апсурдот е до толку поголем, затоа што барањето се упатува до Општина Желино, која со своите 99 отсто советници Албанци треба да бидат убедени и да донесат одлука дека настанот и загинатите се од исклучително локално значење!? Впрочем, таа за Вејце не упати барање до селото Вејце, туку до Општина Тетово, а нејзината иницијатива беше отфрлена и од градоначалникот Билал Касами, подоцна и од членовите на Советот од редот на албанските партии.
Гледајќи го споменатиот закон, а и терминологијата, се препознава и спинот на градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, кој вели, „бидејќи министерката за одбрана Славјанка Петровска јавно посочи дека се уште чека одобрение од Општина Желино за изградба на споменик за хероите од Карпалак, Општина Бутел и јас како нејзин градоначалник сме подготвени да одстапиме веднаш простор и локација, а министерството и владата да инвестираат во градба на достојно спомен обележје на видно место во општината за паднатите херои од Љуботенски бачила“.
Ни Костовски очигледно не ја разбра разликата меѓу споменик и спомен обележје, затоа што ако сака да им оддаде почит „на видно место во општината на паднатите херои од Љуботенски Бачила“, за тоа не му треба министерството и владата да инвестираат во градба, туку тој може да предложи до советниците и тие да изгласаат согласно законот, дека осумте загинати резервисти во 2001 година во заседата кај Љуботенски Бачила се личности и настан од исклучителна важност. Од значење за државата или и од локално значење? Сеедено, законот може да се третира растегливо ако се има добра волја, па Дарко Костовски и не мора да бара ниту пари, туку заедно со граѓаните на Бутел, преку одлука Советот, ако успее да ја донесе, да изгради споменик.
Ни СДСМ ни ВМРО-ДПМНЕ не можат да обезбедат мнозинство по Бадентер
Но, всушност, ниту Петровска ниту Костовски, а истото важи и за спинот на Мицкоски, не ја кажуваат целата вистина зошто сè уште неуспешно вложуваат напори, едно 20 години, „за изградба достојно спомен обележје? Ако се погледне внимателно Законот за меморијални споменици и спомен обележја, ќе се укаже дел од одговорот и на ова прашање
Имено во член 8 од споменатиот закон се наведува:
За секој меморијален споменик содржан во програмата од членот 6 на овој закон, Собранието на Република Македонија донесува одлука за подигање на меморијален споменик со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има и мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија…
Христијан Мицкоски, Дарко Костовски и Славјанка Петровска, веројатно се искрени кога велат дека бранителите не се достојно испочитувани без споменици и спомен обележја, но се претвораат во брутални спинери (брутални зашто нивните зборови продуцираат болни чувства), кога велат дека тоа ќе се промени со упатено обновено барање до Желино, со отстапена локација во Бутел или со промена на власта кога ќе дошле „подостојни“. Патем, кога на власт беа „подостојните“, некаде пред 2010 година, ранетите и повредените припадници на МВР или нивните семејства, не можеа глава да дигнат од тужбите што им ги праќаше тогашното раководство на МВР за да враќаат пари добиени како отштета.
Истото за спинувањето, со мала разлика може да се констатира и кај ДУИ и кај другите албански партии, кои по ова прашање на несогласување кај македонските партии, реагираат со „мудар молк“. Зашто, ДУИ и другите албански партии овој проблем го решија или со (зло)употреба на Законот за меморијални споменици и спомен обележја (Колари, Ваксинце, Арачиново, Матејче…) или со полулегален статус на централниот споменик, ако се смета за таков, споменикот отворен лани во Слупчане. или оној што во 2013 година се отвори во Општина Зајас, иако тој не е поврзан со конфликтот од 2001 година.
Отворените прашања и натаму извор на дезинформации, спинови и поделби
Всушност, ниту СДСМ, ниту ВМРО-ДПМНЕ во изминативе над дваесет години од конфликтот од 2001 година, не успеаја да „испреговараат“ со ДУИ (сега и другите партии на Албанците таму кај што се локална власт), за изградба на споменици на припадниците на АРМ. Тоа пак, произлегува од „неиспреговараната“ дефиниција за природата на конфликтот, без оглед што резултатите од него се дефинирани и јасни во Охридскиот рамковен договор, променетиот Устав во 2002 година и сите закони потоа, вклучувајќи ги и законите за амнестија и законот за јазиците.
Впрочем, блиску до ова становиште е и Претседателот на РСМ, Стево Пендаровоски, кој проблемот на легалноста на спомениците на бранителите лани ги коментираше во интервју за Канал 5:
Во политичка смисла, дур сме живи ние и 100 години потоа, Албанците ќе велат дека овие се борци за човекови права и јунаци, а Македонците ќе велат терористи, кои убивале полицајци и тие права ќе ги добивавте преку институции. Не знам за држави кои биле во конфликт и се согласиле околу тоа. Која е правната смисла тука? Во март 2002 година е донесен Законот за амнестија. Дел и од бранителите и од УЧК го забораваат тој момент. Во првиот член на Законот се вели амнестија за сите учесници во конфликтот. УЧК тогаш е изедначена со бранителите. Ако не беше изедначена, немаше да биде ДУИ како политички субјект. Сега истите овие што креваат галама околу споменикот, сакам да ги прашам бевте ли вие господа на власт со Али Ахмети во овие 20 години еден период барем? Али Ахмети бил во Влада со вас, затоа што беше амнестиран, вели претседателот Стево Пендаровски за поставувањето на спомен-кулата на УЧК во село Слупчане“, пренесува Локално.
Тој се согласува дека спомен кулата во Слупчане е нелегална, но истото го вели за сите споменици од Скопје 2014 година.
Всушност, она што го кажува Пендаровски е дека било која македонска партија кога го крева прашањето на спомениците, на пример оние ДУИ што ги крева, е иронија и цинизам, затоа што и двете главни партии и СДСМ и ДУИ биле и се во власт со ДУИ, а тие прашања не ги решиле институционално. И второ, Пендаровски, всушност, кажува дека законите, правдата и правото и науката (позадината на историските настани), не мора секогаш да кореспондираат, како што е особено впрочем, со закони за амнестија или оние кои се однесуваат на т.н. позитивна дискриминација во едно општество кое цели кон помирување и развој на индивидуалните и колективните човекови права.
Затоа, изворот на проблемите е што политиката досега не само што не се договорила и не „испреговарала“ како ќе се подигаат споменици и спомен обележја за настаните и луѓето од 2001 година, туку и дека не испреговарале (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ), да ѝ дадат барем одврзани раце на научната мисла да го дефинира конфликтот од 2001 година. Кога веќе ги прославуваат институционално датумите од Охридскиот договор. Дали тоа беше агресија на паравоени и терористички структури кои од Косово се уфрлија на територија на Македонија (УЧК), дали беше вооружен бунт на делови од локалното население во Македонија од албанска етничка припадност или дали беше микс од двете. И да се утврдат сите други детали, од терминологија до позадина. Ако ништо друго децата да не учат различни истории, а по стотина години да има потреба да се формира некоја нова историска комисија за толкување на заедничката или споделената историја.
И затоа, сè додека политичарите што управуваат и што ќе управуваат во иднина со С. Македонија не се договорат дека и тоа прашање треба да се затвори – научна класификација на настаните од 2001 година, сè дотогаш, на секој позначаен датум од борбените случувања во 2001 година, македонската и албанската јавност ќе гледа и ќе биде известувана значително поинаку, а политичарите и кај македонските и кај албанските партии ќе се претвораат во спинери кои ќе истураат дневни дози патриотизам врз сопственото членство или симпатизери. Тоа не го заслужуваат ниту припадниците на АРМ и на МВР и нивните семејства од 2001 година, ниту, пак, било која друга цивилна жртва или настрадан учесник од сè уште недефинираниот конфликт.
Пишува: Теофил Блажевски