fbpx

Плевнелиев: Русија е присутна како „агресор“ не само во Бугарија, туку и во регионот

-

Сегашниот модел на спроведување санкции против Русија не е најсоодветниот. Санкциите не функционираат како што треба, но не затоа што не функционираат воопшто, туку затоа што ние сме кусогледи за начините и мерките на нивно спроведување. САД решија да наметнат санкции на Русија за сè, и за Сирија, и за Украина, и за мешањето во изборите во Европа и во САД. Според мене, треба да се разграничи и да се спроведуваат групи санкции што би можеле да се повлечат кога ќе се отстранат причините поради кои санкциите биле воведени за навистина да има ефикасност на мерките.

Ваков став за спроведувањето на санкциите на Западот против Русија искажа д-р Мајкл Карпентер, главен директор на американскиот „Пен Бајден Центар за дипломатија и глобално вклучување“ и истакнат член на „Атлантскиот Совет“, на тркалезната маса „Руското влијание во Европа: Спротивставување на ризиците за заробување на државата“, што во организација на бугарскиот Центар за проучување на демократијата и Фондацијата „Конрад Аденауер“ минатата седмица се одржа во Софија, а на која присуствуваше и претставник на Фондацијата „Метаморфозис“.

Карпентер, кој претходно бил заменик-помошник секретар за одбрана на САД задолжен за Русија, Украина, Евроазија, Балканот и контрола на конвенционалното оружје, како и советник за надворешна политика на потпретседателот на САД, Џо Бајден, рече дека е несомнено оти Русија оди против демократијата и за тоа користи многу алатки што и се на располагање, вклучувајќи и субверзивни мерки, какви што се кибер-нападите, но одговорот на Западот не е секогаш соодветен и создава само блокада, без да овозможи вистински ефектен одговор на руското политичко, економско и друго дејствување за остварувањето на целите на Западниот свет.

– Санкциите мора да бидат последични за да имаат смисла – порача тој на настанот во кој учествуваа и претходниот претседател на Бугарија, Росен Плевнелиев, Трајчо Трајков, министер за економија, енергија и туризам на Бугарија во периодот од 2009 до 2012 година, Илијан Василев, поранешен амбасадор на Бугарија во Русија, д-р Огњан Шентов, претседател на Центарот за проучување на демократијата и Руслан Стефанов, директор во Центарот.

Според претходниот бугарски претседател Росен Плевнелиев, несомнено е дека Русија е присутна како „агресор“ не само во Бугарија, туку и во регионот и пошироко во светот, но треба да се бараат решенија. Тој упати критика и за актуелниот бугарски претседател Румен Радев за фаќање погрешен правец.

– Во Бугарија видовме невидена пропаганда, невиден кибер-напад на ден на избори, против референдум и против срцето на бугарската демократија. Видовме како во Црна Гора легитимно избраната влада за малку ќе беше соборена со бунт организиран на хибриден начин и од Русија и од нивните помошници во момент во кој Црна Гора тргна да стане членка на НАТО. Аспектите се насекаде околу нас, од шефот на бугарската држава денес, до дебатите понекогаш во бугарскиот парламент, преку сето она што се случува во државите околу нас, крајно важно е да ги отвориме очите и да кажеме дека хибридната војна е тука и сега. Таа ги напаѓа нашата демократија, таа ги напаѓа нашите вредности, таа ги деинсталира институциите, инфлитрира штетни влијанија, всушност води до зависност од туѓи интереси. На пример, кога претседателот на Бугарија ќе рече дека ако Русија го забила своето знаме во Крим, таа има право да претендира на него, за мене тоа не е ништо повеќе од факт дека бугарскиот претседател е портпарол на главните аспекти на руското министерство за надворешни работи – рече Плевнелиев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...