fbpx

План за раст: „Забрзување“, „зајакнување“, „условеност“ во темпо na adagio – бавно, но со голема експресија

Прашање е како треба да се сфати средбата на лидерите од државите од Западниот Балкан за Планот за раст одржана деновиве во Скопје, при отсуство на претставник од политичко ниво од Унијата – како покажување посветеност, како притисок за забрзување на постапката или нешто трето. Во секој случај - поента на експресијата, пишува Малинка Ристевска Јорданова

-

Анализа за Порталб.мк на Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Откако се исцрпи дискусијата за годишните извештаи, поактуелен стана новиот План за раст за Западниот Балкан (или иновираниот поранешен Економски и инвестиционен план за Западниот Балкан), кој Комисијата го претстави на 8 ноември 2023 година, како дел од Пакетот за проширување.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Планот е обид на Европската комисија да одговори на барањата за забрзанo пристапување во ЕУ кои доаѓаат од регионот, но и од некои кругови од самата ЕУ. За жал, барањата не се ниту доволно силни, ниту доволно амбициозни, а одговорот на нив е уште поскромен.

За да може да се реализира овој план, односно одредени негови елементи предложена е Регулатива за востановување на Инструмент за реформа и раст на Западниот Балкан.

Што нуди Планот?

1. Наместо бараниот целосен пристап или највисоко можно ниво на пристап до Единствениот пазар на ЕУ, се нуди фрагментиран и прилично ограничен пристап до некои делови од пазарот на ЕУ под насловот „унапредена економска интеграција со ЕУ“.

Првиот услов за таквиот пристап би било усвојување на acquis за тие делови од Единствениот пазар, вториот – регионалното оврзување.

За да се остварат предлозите се предлагаат нови посебни договори, кои би биле комплементарни на спогодбите  за стабилизација и асоцијација (САА), или дополнувања на САА или и на други постојни договори, како што е, на пример, Договорот за енергетската заедница. Меѓу другото, се предлага и изрично набројување на  деловите од acquis кои државите треба да го преземат за да добијат пристап до наведените делови од европскиот пазар. Ваквиот пристап на детално набележување на acquis е преземен од спогодбите за длабока и сеопфатна слободна трговска област кои ЕУ ги има со државите од Источното партнерство – Украина, Молдавија и Грузија.

Некои од презентираните можности се достапни веќе подолго време, врз основа на ССА (на пр. признавање на професионални квалификации) или учество во Конвенцијата за заеднички транзит (чија членка е Македонија од 2015 година).

Правните постапки за да се реализираат новите предлози сé уште не се почнати и нема поставено временска рамка. Тоа не се третира во предложената Регулатива, кадешто унапредената економска интеграција со Единствениот пазар на ЕУ е поставена како цел.

2. Елементот на планот „Зајакнување на регионалната економска интеграција преку Заедничкиот регионален пазар“ е всушност зајакната условеност за пристапот до пазарот на ЕУ. Со други зборови „прво поврзете се регионално, па после ќе би дадеме пристап до пазарот на ЕУ“. Со ова се настојува да се поттикне реализацијата на Заедничкиот регионален пазар и имплементацијата на ЦЕФТА (регионалниот договор за слободна трговија), кои се одвиваат долги години и одат бавно.

3. Третиот елемент „Забрзување на реформите“, примарно во областа „Темели“, е повторно зајакната условеност, и тоа за новите средствата што треба да се обезбедат преку Инструментот за реформа и раст на Западниот Балкан. За да се користат средствата секоја држава ќе треба да се донесе нов План за реформи, Европската комисија да ги одобри со имплементациони одлуки, а од нивната реализација ќе зависи префрлањето на парите.

4. Конечно – парите. Со предложениот Инструмент се предлагаат вкупно 6 милијарди евра – 4 милијарди евра во заеми и 2 милијарди евра во грантови. Половина од парите – 3 милијарди евра – треба да одат за макрофинансиска помош на државите (национален коверт по формула поврзана со населението и БДП – користење зависно од остварувањето на Планот за реформа), но сите овие пари се заеми. Другите 3 милијарди евра, каде што 2-те милијарди се грантовите, а 1 милијарда заеми треба да се реализираат преку Инвестиционата рамка за Западниот Балкан. Таму веќе има  приоритетни листи на проекти, а голема улога играат европските финансиски институции. Брзината на реализација не е карактеристика ниту на оваа Рамка за регионот.

Суштествено прашање кое во оваа прилика немаме простор да го разгледаме е дали и за што се доволни средствата од новиот Инструмент, и како тие да се искористат.

Инструментот не ја заменува ИПА, туку треба да е комплементарен со неа. Инаку, во информацијата на веб страната на Европарламентот се напоменува дека тој е моделиран според Инструментот за Украина, кој „тежи“ 50 милијарди евра.

Доаѓаме и до прашањето – кој е статусот на Инструментот?  Или: кога овие пари ќе бидат достапни?

Според информациите на веб-страната на Европскиот парламент, Инструментот се претставува во надлежните комисии за надворешна политика и за буџет на 24 јануари 2024 година. Рамковно, постапката за усвојување во Европскиот парламент би требала да се заврши кон средината на април. Дури потоа Советот на ЕУ треба да решава за Предлогот на Регулативата и таа да биде конечно усвоена.

Дали и кога ќе се обезбедат парите зависи и од тоа дали и како ќе помине предлогот за среднорочната ревизија на седумгодишниот буџет на Унијата (за периодот 2024-2027), од каде што средствата треба да се обезбедат. Веќе знаеме дека Унгарија го блокирашае предлогот за Инструментот за Украина и го уценува со натамошното ослободување на средствата од ЕУ за Унгарија.

Во вакви услови, прашање е како треба да се сфати средбата на лидерите од државите од Западниот Балкан за Планот за раст одржана деновиве во Скопје, при отсуство на претставник од политичко ниво од Унијата – како покажување посветеност, како притисок за забрзување на постапката или нешто трето. Во секој случај – поента на експресијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...