Новинарска екипа на телевизија Алсат утрово била спречена да ја врши својата работа за време на протест во Општина Чашка, реагираа Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ).
Протестот пред општината бил против воведување паралелка на албански јазик во основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка.
„Откако колегата Авни Тахири и снимателот Новица Апостолоски пристигнале пред општината, дел од луѓето што протестираат им забраниле пристап и влез во општината и почнале вербално да ги напаѓаат, притоа пробале и физички да ја тргнат камерата, како што се гледа и од видеото објавено на официјалната Фејсбук страната на ТВ Алсат“, се вели во реакцијата на ЗНМ и ССНМ.
Извикувањата кон снимателот и обидите за покривање на камерата на телевизијата се слушаат во видеото што го објави Алсат.
Од ЗНМ и ССНМ велат дека, по кратка недолична конверзација, лицето што се обидело да го избрка снимателот, влегло во општината и не дозволило влез на новинарската екипа.
Според кажувањето на Тахири, по завршување на инцидентот, тие повторно се обиделе да влезат во општината со цел да земат изјава од градоначалникот, но уште еднаш биле спречени да влезат, овој пат од чуварот во општината.
„Здружението на новинари на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) бара објаснување од страна на општината во врска со спречувањето на новинарската екипа да влезе во јавна установа. Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество. Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура“, стои во реакцијата на новинарските организации.