fbpx

Палевски доби уште 40 дена во турски затвор

Според турските закони, Палевски е уапсен за кривично дело „намерно убиство на дете“

-

На Љупчо Палевски му е одреден привремен затвор во „Затворена казнено -поправна установа Беликесир “ – Турција во траење од 40 дена, соопшти денеска Министерството за правда.

Според турските закони, Палевски е уапсен за кривично дело „намерно убиство на дете“.

„Во дописот од Републичкото јавно обвинителство Беликесир- Турција информираат дека на лицето Љупчо Палевски, кој со потерница беше уапсен за кривично дело „Намерно убиство на дете”, согласно Законот 6706 член 14, со цел да се обезбеди екстрадиција на лицето во наведената земја (РСМ), согласно член 16 од Европската конвенција за екстрадиција на криминалци, му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена“, соопштија од македонското Министерство за правда.

Палевски беше уапсен во Беликесир, Турција на 5 декември годинава, по претходно распишана меѓународна потерница.

Тој е првоосомничен за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на 74-годишниот Панче Жежовски. За случајот, во притвор во Македонија се уште пет лица – Влатко Кешишов, Велибор Маневски и Боре Видевски. Тие се осомничени за грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и за две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие). Таткото на Вања, Александар Ѓорчевски се сомничи дека им помогнал при извршување на кривичното дело – грабнување на малолетно лице. Во притвор е и Стефан Димковски, пријател на Палевски, кој го превезувал од Србија до Турција преку Бугарија.

Според обвинителството, на 22 ноември, четворица од осомничените, го грабнале 74-годишниот Жежовски од Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на 14-годишната Вања. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде го убиле со пиштол.

Пет дена подоцна, според обвинителството, четворицата, а помогнати од петтиот (н.з. Александар Ѓорчевски), извршиле грабнување на 14-годишната Вања, со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство (н.з. мајката) да даде пари за откуп на детето. За да биде киднапирана Вања, бил искористен одземениот автомобил.

„Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен“, соопшти обвинителството.

Таткото на Вања пред надлежните истражни органи негира вмешаност во убиството на неговата ќерка.

Мотивите за двете убиства сè уште не се докрај јасни. Обдукцискиот наод за жртвите е доставен до обвинителството, но оттаму не соопштуваат никакви детали.

Додека Палевски се наоѓа во Турција, турските власти не се должни да ги известуваат македонските за текот на постапката. Барањето за екстрадиција е поднесено, тој има право на жалба на секоја донесена одлука, па оттука неизвесно е кога би можел тој да биде екстрадиран во земјава, особено поради тоа што Македонија нема голем број екстрадиции од Турција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...