fbpx

Отворена сензорна соба во основното училиште „Круме Кепески“ во Кисела Вода

-

Основното училиште „Круме Кепески“ доби сензорна соба опремена со рехабилитациско-рекреациска опрема и мноштво дидактички материјали и сензорни елементи преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Станува збор за проект кој го спроведуваат Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак“ со финансиска поддршка од Европската Унија (ЕУ) и реализиран во соработка со Министерството за образование и наука (МОН).

Во овој мултисензорен простор на учениците им се обезбедува стимулативна средина за учење, развој и креативност без ограничување, велат од „Чекор по чекор“.

Директорката на училиштето Павлина Трипуновска рече дека целта на училиштето е развивање на инклузивна клима каде секој ученик се чувствува прифатен, почитуван и е дел од систем кој нуди висококвалитетни образовни можности.

„Нашата визија е да бидеме училиште кое ја рефлектира различноста на нашето општество и вклучува ученици со различни способности и интереси, кои заедно во училница развиваат ставови, вредности и вештини потребни за успешна и продуктивна иднина. Овие сензорни соби се чекор напред во реализирање на оваа цел затоа што се дизајнирани да ги развијат виталните вештини, како што се комуникацијата и сензорно-моторната интеграција за учениците со попреченост, но нуди и образовни придобивки за сите ученици“, рече Трипуновска.

Градоначалникот на Општина Кисела Вода каде се наоѓа училиштето „Круме Кепески“, Орце Ѓорѓиевски, рече дека со реализацијата на денешниот проект општината е на половина од крајната цел сите училишта под надлежност на општината и сите 102 ученици кои имаат потреба, да добијат сензорна соба.

„Ова е нешто на кое интензивно работиме и кое во најскоро можно време ќе го реализираме“, рече Ѓорѓиевски.

Раководителката на проектот Елена Мишиќ рече дека фондацијата „Чекор по чекор“ веќе три децении ја промовира идејата дека со соодветна поддршка од рана возраст, сите деца можат да го развијат својот целосен развоен потенцијал.

Во изминатите 25 месеци, колку што се спроведува проектот, биле реализирани 43 училишни грантови со кои е поддржано подобрувањето на пристапноста и инклузивноста на некои од училиштата каде учат 474 стипендисти на проектот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...