fbpx

Oсмани: И НАТО и ОБСЕ треба да ја одиграат својата улога кога станува збор за поддршката на Украина

-

Претседавачот со ОБСЕ Бујар Османи денеска пред Северноатлантскиот совет на НАТО ја претстави Програмата на Северна Македонија како Претседавач со ОБСЕ во 2023 година.

Тој, во свое обраќање пред Советот со кој претседаваше заменик-генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, ја истакна важноста на улогата на НАТО и ОБСЕ во европската безбедносна архитектура и ја презентираше визијата на Северна Македонија како претседавач на ОБСЕ. Тој посочи дека фокусот на претседавањето ќе биде ставен на луѓето и на вредностите и принципите на ОБСЕ кои беа прекршени со руската агресија врз Украина.

„Агресијата на Руската Федерација против Украина ги потресе столбовите на нашата безбедност“, потенцираше Османи, додавајќи дека Украина ќе остане врвен приоритет и клучно безбедносно прашање.

„Наш приоритет во сите три аспекти ќе биде да обезбедиме суштинска поддршка за Украина и нејзиниот народ“, рече Османи.

Тој пред присутните истакна дека агресијата кон Украина мора да престане, како и дека смртта на цивилите и пустошот се неприфатливи, а последиците и цената на оваа војна за цела Европа и за целиот ОБСЕ регион ги карактеризираше како жални и неподносливи.

„Цивилните страдања се причината за нашиот силен фокус на луѓето кои се први на удар од оваа агресија. Оние кои се директно изложени на војна и конфликти се плашат за своите животи, а пак оние кои се подалеку чувствуваат несигурност, вознемиреност и неизвесност. Нивниот начин на живот е доведен во прашање и нивното секојдневие е нарушено. Нашиот ангажман е пред сѐ за луѓето. Ова е нашето мото и движечката сила за годината што претстои“, истакна Османи.

Тој во обраќањето ја спомена улогата на двете организации во промовирањето на контролата на оружјето и мерките за градење доверба и безбедност.

„И двете организации треба да ја одиграат својата улога кога станува збор за поддршка на Украина, но и за другите земји учеснички или партнерите. Тие ги имаат потребните алатки и механизми за да придонесат за поголема безбедност и стабилност“, потенцираше Османи.

Пред Северно-атлантскиот Совет на НАТО Османи ги спомена и останатите кризни ситуации низ регионот на ОБСЕ, истакнувајќи дека Централна Азија и регионот на Југоисточна Европа ќе останат во фокусот. Тој најави зајакнување на теренските мисии на ОБСЕ и поддршка за севкупното присуство на терен.

На врвот на листата на приоритети на Северна Македонија како претседавач со ОБСЕ, Османи ги посочи и борбата против корупцијата и промовирањето на доброто владеење, наведувајќи дека тоа е заедничка „болест“ која го загрозува демократскиот и социо-економскиот раст.

Пред обраќањето пред Северно-атлантскиот Совет на НАТО, Османи оствари средба со Заменик генералниот секретар на НАТО Мирчеа Џоана, каде имаше можност да оддаде признание за ангажманот на Џоана во својство на Претседавач со ОБСЕ во 2001 година, кога неговите напори доведоа до поголема стабилност на нашата земја и регионот.

Во заедничка изјава Османи повтори дека и покрај нивната различна природа и цел, и НАТО и ОБСЕ имаат важна улога во зачувување на европската безбедност. „И двете организации се засновани на принципи и вредности, кои во случајот на ОБСЕ, се грубо прекршени со воената агресија. Верувам дека има простор за соработка и треба да ги исцрпиме сите можности за да придонесеме за поголема безбедност во регионот на Европа, но и пошироко“, рече Османи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Европска недела на имунизација: Слушајте ги научниците, а не дезинформациите

Во Градскиот парк во Скопје денеска се одбележа Европската недела на имунизација, со повици за поголема вакцинација. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека повеќе од 50 години вакцините кои ги примил...