Шест милиони франци за поддршка на дуалното стручно образование

Фото: Министерство за образование и наука

Швајцарија ќе обезбеди безмалку шест милиони франци за Р. С. Македонија, за да се развиваат реформите во средното стручно образование, односно да се развиваат стручните вештини кај средношколците. Со оваа инвестиција, како што информираат во Министерството за образование и наука (МОН), поддршката од Швајцарија за нашата земја за оваа намена досега вкупно изнесува 12 милиони швајцарски франци. Министерот Јетон Шаќири и амбасадорката Вероник Улман денеска потпишаа меморандум за соработка, кој предвидува спроведување на конкретен план со повеќе заеднички активности во оваа сфера до 2026 година.

Фото: Министерство за образование и наука

„Нашата собработка започна во 2018 година и оттогаш истата даде значајни резултати како за младите така и за приватниот сектор во Р. С. Македонија. Размената на искуства и размената на знаења и најдобри пракси директно го поддржува дуалниот стручен и образовен систем преку поврзување на приватниот сектор со образованието, за да му овозможи на истиот да пристапи до квалификувана работна сила и да придонесе за пристојни можности за вработување на младите“, рече амбасадорката.

Со овие средства, планот е да се промовира и да се подигне квалитетот на средното стручно образование во државата. Во период од три години, концептот на дуално образование го прифатиле 61 училиште во државава, а во првата, биле само 8 училишта.