Средното стручно образование станува сè поатрактивно и поинтересно за младите. Дека е тоа така покажува годинашниот прв уписен рок, после кој може да се забележи дека гимназиите остануваат со многу слободни места, додека директорите на стручните училишта, се фалат со подобар упис во споредба со минатите години.
Ако минатата година, во гимназијата „Орце Николов“ за 285 слободни места се пријавиле 337 кандидати за упис, по што мораше да има селекција со квалификациски тест, годинава бројот на пријавени е 271, што значи дека не е исполнет предвидениот број на слободни места. Пред училиштето денеска уште од рано утрово имаше родители и ученици кои се бараа на списоците што беа истакнати на влезната врата, а некои од нив и плачеа од радост бидејќи се примени.
Директорот на „Орце Николов“ Митко Димовски за Мета.мк вели дека очекува бројката да се пополни во вториот уписен рок.
„Кандидатите се со просек 5,00, а петмина од пријавените се со по некоја четворка во свидетелството. Сите ученици официјално денеска и утре треба да ги донесат документите на увид во училиштето“, вели Димовски.
Дека интересот за гимназија опаѓа, покажува и бројот на пријавени кандидати во „Никола Карев“. Директорот на оваа гимназија Андреј Манолев вели дека според конкурсот има предвидени 272 слободни места, а се пријавиле 273 ученици за упис.
„Минатата година одбивме 35 ученици, пред две години – 70, а годинава имаме само еден ученик кој ќе треба да биде одбиен. Причините за намалениот интерес според мене се две, едната е намалениот наталитет во државата, а втората се бенефитите од дуалното образование во стручните училишта“, вели Манолев.
Слободни места има и во „Раде Јовчевски Корчагин“ како и во „Јосип Броз Тито“. Во „Корчагин“ сакаат да учат 177 ученици, односно место има уште за 85 кандидати. Во „Јосип Броз Тито“ пак има 293 пријавени деца, а остануваат уште 47 слободни места за во вториот уписен рок.
„Во паралелките на турски наставен јазик има 45 пријавени, а остануваат уште 19 слободни места“, информира за Мета.мк директорката на „Јосип Бро Тито“, Силвана Кржовска.
Сликата е поинаква во средното стручно образование. Задоволен од уписот годинава е Александар Сибиновски, директорот на стручното училиште „Владо Тасевски“, кој за Мета.мк информира дека се пријавиле 187 ученици за 300 слободни места.
„Лани за 300 места имавме 150 ученици, што значи дека бројката годинава е зголемена. Повторно имаме зголемување во електро струката, односно телекомуникации и компјутерска техника и автоматика. Последниот примен кандидат е со 68 поени од можни 75, што значи дека сите деца се одлични“, информира Сибиновски.
Зголемен интерес има и во средното училиште „Марија Кири Склодовска“, каде што, како што информира директорот Дарко Спасев, годинава се пријавиле 412 ученици за 570 слободни места, а лани се пријавиле 376 кандидати, што укажува на зголемување на интересот.
Квалификациски тест ќе има во средно медицинско
Квалификациски тест ќе има во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“, за насоката фармацевт на албански наставен јазик.
„Овде има поголем број пријавени кандидати одошто има слободни места, односно сите се со ист број поени. Она што е интересно, е што иако беше исполнето барањето да се отвори гинеколошко-акушерска насока на македонски јазик, не се пријави ниту еден кандидат. За медицински сестри имаме три паралелки на македонски јазик и тие се речиси исполнети, има уште некое слободно место. Слободни места има и за забен техничар. Има забележителен интерес за фармација и на македонски и на албански јазик оти таму се нудат можности за вработување во „Алкалоид“, вели за Мета.мк директорката Маја Салиу.
Средното образование во нашата земја е задолжително. Како што за Мета.мк информираат од Министерството за образование и наука, бројот на ученици во деветто одделение, во споредба со лани, годинава е опаднат. Лани имало 19.086 ученици, а годинава – 18.882.