fbpx

Одложено судењето на турските војници кои бараат азил во Грција

-

Судењето на турските војници кои бараат азил во Грција е одложено за четврток. На барање на адвокатот на осумте војници, судот дозволи тридневно одложување на судењето. Турските војници се обвинети за нелегален влез во земјата и за нелегален лет во грчкиот воздушен простор.

Војниците ќе останат притворени во Александруполи сè до судењето в четврток напладне.

Осумтемина војници слетаа во саботата напладне во Александруполи со турски воен хеликоптер и веднаш побараа политички азил за да се спасат од прогон во Турција поради воениот удар против претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Според адвокатот на војниците, тие се бранат дека не знаеле дека се работи за воен удар и само извршувале наредби за пренесување повредени кога биле нападнати од турската полиција, поради што одлучиле да избегаат во Грција.

На судењето денеска се појавија и дипломати од турскиот конзулат, но и адвокат од Турција, кој бара Грција што побргу да ги екстрадира војниците назад во Турција. Адвокатот во разговор со новинарите пред судот излезе со остри обвинувања против војниците, нарекувајќи ги убијци и учесници во воениот удар.

Војниците следно треба да се сретнат со претставници на грчката служба за азил. Секој од нив ќе има индивидуално интервју за да објасни врз која основа бара политички азил во државата. Проценките се дека освен ако владата не реагира да се забрза процесот, првичното разгледување на барањето за азил може да трае до три недели. Во случај да биде одбиено, војниците имаат право да испратат ново барање до службата за азил во Атина, а доколку во меѓувреме се одреди и нивна екстрадиција, имаат право на жалба до судот за оваа одлука.

Целиот овој процес, доколку сè оди по регуларен пат, може да потрае и неколку месеци.
Ситуацијата создава дипломатски трилер меѓу Грција и Турција. Турските власти се убедени дека за кратко време Грција ќе ги врати војниците, додека грчките власти јасно посочуваат дека мора да го почитуваат правниот процес. Грчката влада сака по секоја цена да избегне политички и дипломатски незгоди со Турција, особено во овие критични моменти.

Грчкиот заменик-министер за одбрана, Димитрис Вицас, во интервју за телевизијата „Скај“, истакна дека Турција има многу силен случај и аргумент против војниците. Забележа дека Грција сака што побргу да се реши случајот и да не останат отворени прашања.

– Треба да го следиме меѓународното и грчкото право. Во Турција имаше обид за воен удар. Што точно ќе се случи, треба да почекаме да видиме. Секој од нас има право на фер судење, но никој нема право со оружје и тоа од страна на дел од војската да се обиде да ја преземе власта – истакна Вицас.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(РЕПОРТАЖА) Надежите на СДСМ испарија во сауната на ВМРО-ДПМНЕ

„Овде е стравотно топло, како во сауна е“, рече професорката Гордана Сиљановска-Давкова на прес-конференцијата во централниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, барајќи марамче да се избрише, пред да ја прогласи победата...