Судењето на Никола Аризанов и на Филип Наковски, кои се товарат дека учестувале во демолирањето на народната канцеларија на претседателот, Ѓорге Иванов, денеска повторно е одложено на барање на Основното јавно обвинителство.
Причината за одложувањето на рочишето, како што пренесува „Телма“, е недоволното време за да се изврши проценка кој демонстрант колкава штета предзивикал при демолирањето на канцеларијата.
Вчера судијката што го води предметот му наложи на обвинителството за 24 часа да ја процени поединечната штета, но поради кусиот рок, обвинителството денеска побарало дополнително време.
Двајцата демонстранти се товарат за учество во толпа која ќе изврши кривично дело, односно дека на 13 април на протестите против аболицијата на политичари и на нивни соработници, ја искршиле народната канцеларија на Иванов, предизвикувајќи штета од 15.000 евра.
Одбраната ја оспорила оваа сума, исто како и судијката, која побарала од обвинителството да ја каже точната сума за секој обвинет поединечно.