fbpx

Од утре на рафтовите ќе има леб за 33 денари, производителите почнуваат правна битка со Владата

Од утре ќе почне да се испорачува бел и полубел леб, но, како што соопшти претседателот на Групацијата на мелничко пекарската индустрија, Горан Малишиќ, ќе биде поведена правна постапка за наплата на штетата што ја претрпуваат од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот

-

Од утре во маркетите ќе почне да се испорачува бел и полубел леб од 33 денари, соопштија од Групацијата на мелничко пекарската индустрија. Сепак, како што соопшти претседателот на Групацијата, Горан Малишиќ, ќе биде поведена правна постапка за наплата на штетата што се претрпува од владината одлука за замрзнувањето на цената на лебот.

Малишиќ вели дека Владата донела неуставна и незаконска одлука со која, преку замрзнувањето на цената на лебот до 31 мај, ќе им нанесе штета од над 4,5 милиони евра.

„Битката со Владата продолжува на правна основа. Одлуките што таа ги донесе на месечно ниво ни прават штета од преку 1,5 милиони евра. Владата нема чувство за новонастанатата ситуација и ја уништува една од основните индустрии во земјава. Во наредните три месеци ќе бараме начин да опстанеме, а од утре ќе почнеме да испорачуваме леб за да им излеземе во пресрет на граѓаните“, изјави Малишиќ.

Владата одлучи да ја замрзне цената на белиот и полубелиот леб во вторникот, откако беше соопштено дека проверките на пазарната инспекција покажале дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените на лебот не ги намалиле или ги намалиле незначително. Наспроти ова, производителите на леб здружени во мелничко-пекарската индустрија во понеделникот се заканија дека ако се замрзне цената на белиот и полубелиот леб, тие ќе го прекинат производството на леб, што впрочем и се случи.

Во средата и во четвртокот, поголемите компании не доставуваа бел и полубел леб до маркетите. Исклучок правеа помалите пекарски индустрии и продажните места со сопствено производство.

Владата синоќа донесе одлука со која ги обврза производителите и трговците на леб да произведуваат и да продаваат леб по утврдената цена од најмногу 33 денари. Од Владата соопштија дека ако не се придржуваат до одлуката, ќе се соочат со инспекции.

„Компаниите што нема да ја почитуваат новата одлука за Владата и не сакаат да произведуваат и доставуваат леб по замрзната цена ќе бидат казнети согласно законите за трговија, за потрошувачи и за заштита на конкуренција. Во нашата држава имаме Закон за трговија, Закон за заштита на потрошувачи и Закон за заштита на конкуренција. Сите законски одредби ќе бидат искористени. Прво настапи замрзнување на цената на овие основни прехранбени производи, а потоа ќе бидат искористени и други мерки“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Според него, компаниите кои не сакале да произведуваат бел и полубел леб се всушност оние фирми што добиле и најголемиот дел од субвенциите за евтина електрична енергија по 80 евра за мегават-час.

„Со тоа сметам дека тие треба да покажат одговорност, да го испорачаат она за што исто така со оваа цена имаат маржа. Калкулацијата која беше прикажана е правена од пекарската индустрија. Разочаран сум од дел од производителите. Беа објавувани сметки дека таков тип леб го продаваа и по 50 денари во доцните ноќни часови. Да се заработува на грбот на граѓаните во вакво време, кога сите треба да покажеме солидарност, тоа е најлошо нешто што може да го направи која било компанија“, рече Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...