Владата вчера донесе одлука ограничувањето на цените на повеќе производи во трговијата на мало, која што беше со важност до 31 декември, да се продолжи до 31 јануари.
Станува збор за белиот ориз, пченично брашно – тип 400 и 500, бел и полубел леб и одделни пекарски производи, одредени видови бисквити, наполитанки, тестенини, месо и производи од месо, јогурт и млечни производи и свежи јајца од кокошка.
„Денешната владина одлука е во интерес на потрошувачите, поради претстојните новогодишни и божиќни празници“, соопштија од Владата.
Владата, на предлог на Министерството за економија, донесе и Одлука за изменување на Одлуката за определување највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Со оваа владина одлука, до 31 јануари, наместо до 31 декември, остануваат замрзнати и претходно утврдените цени на минералната негазирана и газирана вода, одредени видови негазирани и газирани пијалоци и пивото.
Овие одлуки, како што велат од Владата, се исто така во интерес на потрошувачите поради претстојните новогодишни и божиќни празници.