Светски ден на дивиот свет: Нелегалната трговија ги истребува дивите животни

На настанот, организиран во рамки на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“, финансиран од Европската Унија, амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир, нагласи дека на 25 отсто од европските животински видови им се заканува исчезнување

Фото: Мета.мк

Мршојадците, сивиот сокол, рисот, пеперутките што живеат само на Шара, желките или орхидеите се само дел од уникатната флора и фауна на земјата. На Светскиот ден на дивиот свет и 50 годишнината од Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови на дива фауна и флора – CITES, што денеска беа одбележани во Europe House во Скопје уште еднаш се потенцираше дека С. Македонија мора да го зачува богатиот биодиверзитет и да го заштити од нелегална трговија.

Нелегалната меѓународна трговија, според Методија Велевски од Македонското еколошко друштво, е еден од факторите за исчезнување на многу видови поради што Конвенцијата прави обид да воспостави ред и да ги зачува од овие закани. Нелегалната трговија не ја заобиколува ниту земјава, а Велевски потсети на случајот за шверц на мали лавови, кој сè уште не е затворен.

На настанот, организиран во рамки на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“, финансиран од Европската Унија, амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир, нагласи дека на 25 отсто од европските животински видови им се заканува исчезнување, заради заканите за нивните живеалишта, загадувањето со фосилни горива и влошувањето на климатските промени.

„Над еден милион видови се на работ на уништувањето, а состојбата само се влошува со нелегалната трговија, која станува многу профитабилен бизнис на глобално ниво. Свеста за оваа состојба е на многу ниско ниво, слабо се открива и ниски се казните. Конвенцијата е една моќна алатка да ги заштитиме видовите кои се загрозени, а ЕУ обезбедува поддршка на напорите за зачувување на биодиверзитетот и борбата со нелегалната трговија со дивите животни во С. Македонија“, рече амбасадорот Гир.

Од Министерството за животна средина посочуваат дека CITES е меѓународна конвенција која е прифатена од владите, со цел да се осигура дека меѓународната трговија со примероци од диви животни и растенија не го загрозува опстанокот на видовите. Бидејќи трговијата со диви животни и растенија ги преминува границите меѓу земјите, напорот за нејзино регулирање бара меѓународна соработка за да се заштитат одредени видови од незаконска меѓународна трговија. С. Македонија ја ратификуваше Конвенцијата во 1999 година и Министерството е надлежен државен орган за издавање дозволи и сертификати за регулирање на меѓународната трговија со загрозени видови дива фауна и флора.

Според министерката Каја Шукова, на Светскиот ден на дивиот свет треба повторно да се акцентира важноста за зачувување на дивата флора и фауна за опстанокот на планетата.

„Нашата земја е исклучително богата со дива флора и фауна и наша задача и обврска кон генерациите кои доаѓаат е соодветно да ги заштитиме“, рече Шукова.

На настанот, тим лидерот на проектот „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“, Даниел Богнер посочи дека Балканот е светски позната точка на богат биодиверзитет, заради што е уште поважно да се работи на негова заштита.

„Во С. Македонија има над 100 загрозени видови, на пример сивиот сокол кој е на црвените листи и е строго заштитен вид, белоглавиот мршојадец е исто така загрозен вид и има потреба од заштита, пеперутките кои живеат на планини, како на пример на Шара, се исто така заштитени на неколку нивоа, бидејќи се премногу убави и се предмет на трговија“, посочи Богнер.