Скопјани од денес ќе можат да аплицираат за добивање субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата. Град Скопје објави јавен повик за искористување на субвенции во износ до 1.000 евра во денарска противвредност за набавка на еколошки почист уред за затоплување. Повикот ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 01.01.2020 година, субвенциите ќе се доделуваат до завршувањето на повикот на 30.11.2020 година или до денот на исцрпување на средствата според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Граѓаните ќе можат да аплицираат и онлајн, при што информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување ќе можат да се најдат на следниот линк: https://www.surveymonkey.com/r/gradskopje-inverter2020.

Портпаролот на Град Скопје, Ваљон Салиху денеска на прес-конференција ги објасни деталите за распишаниот повик за субвенции за инвертер клима уреди, според кои, согласно со условите кои ги предвидува повикот, над 5.000 граѓани на Скопје ќе имаат можност да им бидат целосно надоместени трошоците за набавка на инвертер уреди, но не поголема од 62.000 денари во нето-износ.

Тој истакна дека на повикот имаат право да учествуваат сите граѓани на Скопје кои не искористиле субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе биде инсталиран уредот. Набавениот уред потребно е да биде монтиран во објектот со адреса од личната карта на барателот, информираше Салиху.

Предуслов за добивање на субвенцијата за инвертер, освен исполнувањето на условите кои се наведени е граѓаните да се согласат да се откажат од својот стар начин на загревање на домовите и доброволно и без надоместок да ја достават постојната печка на дрва, јаглен, нафта или на мазут на локација, која дополнително ќе им биде соопштена, соопшти портпаролот Салиху.

Тој информираше дека, според направените анализи, едно просечно семејство на годишно ниво ќе заштеди околу 19.000 денари во однос на загревањето со печка на дрва или 22.000 денари во однос на загревањето со термо печка.

Субвенциите за инвертери се дел од мерките предвидени со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, кои Владата ги најави уште во октомври минатата година. Согласно одлука на Владата на РСМ, донесена на крајот на 2019 година, беа одобрени и префрлени на посебна наменска сметка на Град Скопје 322,4 милиони денари.

Освен за Скопје, Владата донесе одлука за субвенционирање на граѓаните со високоефикасни инвертер клима уреди за домаќинствата во општините Битола, Кичево и Тетово како општини каде е најголемо загадувањето на воздухот.

Владата тогаш одлучи од ЕСМ да побара, во рамките на акумулираната добивка, да донесе одлука за обезбедување средства во висина од 618.000.000 денари за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди, како и да донесе одлука за обезбедување средства за јавна едукативна кампања за придонесот од имплементација на мерката за здравјето на граѓаните и за начинот на кој таа ќе биде спроведена.