Објавени наградените учесници од меѓународниот Стрип конкурс „Велес 2020“

Стрип центар на Македонија – Велес ги објави наградените стрипови од традиционалниот, 18 по ред меѓународен стрип конкурс Велес 2020.

„Постигнат е и квантитет и квалитет, македонската стрип сцена има солидна кадровска перспектива, но потребна е финансиска поткрепа за натамошни активности како, стрип школи, изданија, изложби, фестивали, меѓународна размена итн“ велат од Стрип центарот.

Со парична награда обезбедена од страна на општина Велес, првото место Златен стрип го освоија: Марко Стојановиќ, Милорад Вицановиќ Маза и Аљоша Томиќ.

Второто место го делат Дејан Богојевиќ од Ваљево (сценарио), Ана и Сара Живковиќ од Белград (цртеж и колор) за стрипот „Напад“, како и Даниел Данил од Романија за стрипот „Clocociov“.

Катерина Тери Николова (цртеж) и Александар Стеванов за стрипот „Приказна за безбојното мече“ го добија третото место, кое исто така го освои и Исмет Ердиќ од Босна и Херцеговина за стрипот „Превид“.

Наградата за најдобар македонски стрип му припадна на Ѓорги Антевски од Куманово за стрипот „Катарза“, додека пак за најдобар дебитантски стрип на Јована Ангелковска од Брвеница за стрипот „Умрев на зајдисонце“.

Најдобар автор до 14 години е Марија Арсова од Велес со стрипот „Превенција од ковид 16“, а најдобар автор до 18 години е Тамара Мишовска, од Скопје за стрипот „Калинки“.

Тоде Блажевски, Скопје со стрипот „Политичарче“ е највозрасниот учесник на конкурсот, а најмлад, шестгодишната Јана Стојановиќ од Лесковац. Најмлад учесник од нашата држава е Василиса Радева од Скопје со свои 7 години.

На конкурсот најдобро сценарио имал Предраг Гуриќ за стрипот „Последниот италијан“, а најдобар уметнички израз Ана Tрифуновиќ со стрипот „Ситници“. Додека пак, најдобар цртеж му припадна на Осман Хајдаревиќ од БиХ за стрипот „4 истрели за Сем Карсон“.

Специјална награда од организаторот добија Марија Јакај од Албанија и Светлин Трендафилов, Бугарија.

Добитници за награди за соработка се Лесковачка школа стрипа од Србија, Фантаст – уметничко студио на Емилија и Стојче Тоциновски од Скопје, како и на професорот Шпенд Бенгу од Албанија.

Како што велат од Стрип центарот на Македонија, намален е бројот на пријавени стрипови од странство, освен од Балканските земји. Од нив најмногу пријавени имало од Албанија. Од вкупно пријавените 176 автори, 106 биле од нашата држава.