fbpx

Објавата манипулира дека црквата во Украина не е православна и дека од тоа зависи мирот

Но, ова не е причината за војната, како што алудира објавата. Во февруари 2022 година една суверена европска земја нападна друга суверена европска земја, првпат по многу години

-

Високи 72 отсто од Украинците се декларираат како православни христијани. Така што православието е доминантно во Украина и нелогично е да се враќа нешто што е веќе доминантно. Исто така, објавата манипулира дека мирот во Украина зависи од религијата, иако таа е еден од камењата на сопнување со Русија. Но, таму не може да се бара решението за војната, туку во потезите на рускиот политички врв предводен од Владимир Путин, кој одлучи да изврши воена инвазија на Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Објава на социјалната мрежа Фејсбук тврди дека мирот во Украина ќе се случи кога Украинците ќе ја вратат црквата да биде православна. Ова е неточно тврдење. Ниту Украинците треба да ја вратат црквата, ниту од тоа зависи војната.

Мир ќе има во Украина само кога Украинците ќе ја вратат црквата да биде православна А тоа ќе биде до последниот украинец, пишува во објавата.

Во неа фактички има две неточни информации – дека Украинците треба да ја вратат црквата да биде православна и дека од тоа зависи мирот во Украина.

Прво, Украинците не треба да ја вратат црквата да биде православна, затоа што украинската црква е православна и нема што и кому да вратат.

Иако нема официјална државна религија во Украина, источното православие одамна е доминантно верско определување. Формалното раздвојување помеѓу државата и црквата им обезбедува на Украинците високо ниво на верска слобода. Меѓутоа, во практиката традицијата на источното православие има значително влијание врз украинската политика, општество, образование, право и семејните вредности. Културното влијание на источното православие е видливо и во јавната архитектура, како и во приватните простори.

Истражувањето спроведено од Киевскиот Меѓународен институт за социологија (КИИС) во 2022 година, покажува дека христијанството е доминантна религија во Украина, при што 85 отсто од населението се идентификуваат како христијани. Високи 72 отсто од населението се декларираат како православни христијани од кои 54 отсто се приврзаниците на автокефалната православна црква на Украина, 14 отсто се идентификувале како православни христијани без да наведат црковна припадност, а 4 отсто се поврзуваат со Московската патријаршија. Други 9 отсто од Украинците се изјасниле дека се посветени на Католичката црква во Украина: 8 отсто украински грчки католици и  1 отсто латино-католици. Два проценти од населението се изјасниле за припадност на главната протестантска црква, а дополнителни 2 отсто се идентификувале со некоја алтернативна секта на христијанството (како што се Јеховините сведоци).

Според ова, православната религија и тоа како е доминантната во Украина, што ја прави Фејсбук објавата која вели дека Украинците треба да ја вратат православната црква, неточна и бесмислена. Нема никаква логика да се тврди дека Украинците треба да вратат нешто што го имаат и никогаш не го замениле или напуштиле.

Во објавата, исто така нелогично се вели дека мирот зависи од тоа дали Украинците ќе ја вратат православната религија. Како што објаснивме погоре, православието е доминантно во Украина и не може да се враќа нешто што е веќе доминантно. Но, исто така манипулација е дека мирот во Украина зависи од религијата.

Навистина еден од камењата на сопнување помеѓу Украина и Русија, е и религијата, но таму не може да се бара решението за војната, туку во потезите на рускиот политички врв предводен од Владимир Путин, кој одлучи да изврши воена инвазија на територијата на својот сосед

Историските врски со Москва долго време го спречуваа формирањето на обединета национална црква во Украина. Две главни цркви водеа борба за црковна власт: Украинската православна црква на Московската патријаршија, која беше основана во 1990 година како самоуправна црква под канонска јурисдикција на Руската православна црква (РПЦ) и е најголемата во Украина со околу 12.000 парохии, и Украинската православна црква – Киевската патријаршија, формирана во 1992 година од украинското свештенство кое бараше независност од РПЦ.

Во октомври 2018 година, Украинската православна црква официјално се одвои од руската, по повеќе од 300 години. Одлуката, која беше одобрена од Константинополската патријаршија, позната и како Цариградска или Вселенска патријаршија, симболичната „прва меѓу еднаквите“ на православните цркви во светот, предизвика големи последици во православниот свет, веројатно најсериозни во последните 1.000 години. Истиот месец кога беше објавена декларацијата, Руската православна црква соопшти дека ќе ги прекине односите со Патријаршијата.

Како резултат на расколот, Руската православна црква изгуби голем дел од својата територија, верниците и, најважно, својот духовен и симболичен авторитет над Украина. И рускиот претседател Владимир Путин и патријархот Кирил го осудија расколот.

Но, ова не е причината за војната, како што алудира објавата. Во февруари 2022 година една суверена европска земја нападна друга суверена европска земја, првпат по многу години.

На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.

Начините на коишто Русија се обидува да ја оправда својата воена агресија врз Украина се многубројни, но фактите се дека Москва сака да ги спроведе своите империјалистички амбиции во Украина, со употреба на своите сопствени оружја и брутални тактики, вклучително и напади врз цивили. И тоа нема никаква врска со црквите и религиската определба на народот.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека мирот во Украина зависи од тоа „кога Украинците ќе ја вратат црквата да биде православна“, како што неточно се тврди во оваа објава на Фејсбук.

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...