Илиеска: Екраните се огромна пречка за ценење на богатствата сочувани во доменот на книгите

Во „Летна лектира“, Александра Илиеска, дипломиран студент на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), отсек политички науки, најдобар студент во 2023 година, а и во историјата на универзитетот, го открива нејзиниот избор на книги за читање во летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период – во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

Овојпат на темата „Летна лектира“ разговараме со Александра Илиеска од Прилеп, дипломиран студент на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), отсек политички науки, најдобар студент во 2023 година, а и во историјата на универзитетот и иден студент на новата акредитирана постдипломска програма „Меѓународна политика“ во рамките на Правниот факултет на МБУ.

Таа во разговор со Мета.мк за нејзиниот годишен одмор, кратко одговара дека „за самиот збор ‘одмор’ да го оживее своето значење, би морал да се сврзе со мирот и спокојот“, кој таа секогаш одново го пронаоѓа во Охрид.

Во однос на тоа кои книги би ги препорачала на нашите читатели годинава, за време на летниот период, Илиеска вели дека е тешко да одбере само неколку, бидејќи нејзините книжевни преференции се доста различни и варираат меѓу светски познати и непознати автори од разни епохи.

Сепак, таа за Мета.мк детално ги образложи нејзините искрени препораки за читателската публика.

Романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски, кој навлегува во длабоката љубов на Гоце Делчев и Јанка Каневче и дозволува ние читателите да навлеземе во светот на најдлабоките чувства на македонскиот револуционер. Преку триаголен наратив авторот фактографски, но и фиктивно го искажува она што со години го собирал преку документи, интимни записи, писма и изјави од потомците на Јанка Каневче. Неопходно е во континуитет да истражуваме за нашите херои, за нештата кои што и не се толку познати, а токму овој роман нуди уште поголема блискост до нашиот национален херој, бидејќи со романтичната љубов кон Јанка Каневче, можеме да ја осетиме (и надежно одново оживееме) љубовта која што тој ја носел за Македонија.

Романот на рускиот писател Борис Пастернак, „Доктор Живаго“, во кој се отсликуваат контроверзни аспекти на рускиот режим за време на Руската револуција и понатамошната Граѓанска војна, а воедно и романтичните заплеткувања, за кои и се вели дека самиот автор ја искажува својата потсвест. Со хипнотизирачкиот спој на овие две страни, чии и авторски ставови биле вознемирувачки за тогашните власти, печатењето и издавањето на овој роман се забранува, како и на многу дела што биле сметани за политички трик. Го напоменувам овој роман затоа што може лесно да се спореди со живеењето денес во Македонија, кога сме сведоци на време каде што разни форми на уметност се, не само неподдржани, ами и често забранети, бидејќи одново не се поистоветуваат со целите на властите.

Новоиздадената поезија „На врв на јазикот“ на академик Катица Ќулавкова, која што резонира со длабоката поврзаност со она што за авторката, но и верувам за сите македонци претставува Дом, црпејќи инспирација од нејзиниот живот, но и македонското постоење, чиј секој стих одново отвара нови значења за минатото и за сегашноста. Тежината на секој избран збор со сигурност би го навела читателот да стане едно со своите чувства и верувања и конечно да собере храброст да го олицетвори нивното тивко постоење.

Не ми поминува ниту ден без возвишените стихови на вечните поети како Гане Тодоровски, Блаже Конески, Петре М. Андреевски, Кочо Рацин и Анте Поповски.

„Леснотијата со која можеме да се потопиме во екраните, ефективно ослободувајќи се од опипливиот свет, претставува огромна пречка за апсолутното ценење на богатствата сочувани во доменот на книгите. Во рамките на книгите се појавува длабока двојност. Двојност која не ја нудат мобилните телефони и разните гаџети. Таа двојност се состои од фантазија и факти. И покрај нивната контрастна природа, симбиотската врска меѓу двете станува очигледна, што укажува дека вистински богатиот и суштински животот не може да опстане без хармонична коегзистенција на овие два аспекти“, вели Илиеска.

Таа воедно додава дека колку што е битно и незаменливо самото читање, осознавањето и читањето на современи македонски автори ја носи истата тежина, особено писатели како Александар Русјаков, Иван Иванов, Лидија Димковска, Ана Бунтеска, Дејан Дуковски и Верица Ацеска.

„Мојата поддршка се темели на идејата елоквентно пренесена од режисерот и писател Андреј Тарковски – дека уметноста не може да се преведе. Нашиот јазик, поседува длабока и прекрасна способност да ја гали душата, создавајќи интимна врска со зборовите. Згора на тоа, колективниот репертоар на овие писатели вешто се движи низ современите теми, привлекувајќи внимание на актуелните општествени проблеми, но и најважно, овие дела предизвикуваат сочувствување и храброст во свет кој се соочува со вознемирувачка апатија“, вели Илиеска.

Пишува: Афије Шерифи