Литературни мрежи: Како онлајн заедниците за книги влијаат врз оживувањето на пишаниот збор

Јасно е дека во денешницата интернетот решава што е „кул“, а интересно е што во претходните неколку години тоа е читањето книги. Во дигиталната ера, заедниците на интернет посветени на книги стануваат центарот на литературниот дискурс

Фото: 该图片由freestocks-photosPixabay上发布

Со над 70 милиони постови на инстаграм под хаштагот „книги“ и 200 милијарди прегледи на ТикТок, се забележува субкултура која нè потсетува на задоволството на вртење опипливи страници и радоста на добро раскажани приказни. Ваквите објави на социјалните мрежи ги обединуваат љубителите на книги, а воедно и го промовираат читањето на јавноста. Во последните неколку години, групите и профилите на интернетот, практично ги контролираат издавачките куќи и владеат со листата на бестселери. Во дигиталната ера, заедниците на интернет посветени на книги стануваат центарот на литературниот дискурс.

Од жестоките дискусии во коментари до персонализираните препораки за книги курирани од алгоритми, сведоци сме на трансформација во начинот на кој приказните се споделуваат, ценат и критикуваат. Јасно е дека во денешницата интернетот решава што е „кул“, а во последните неколку години тоа е читањето книги.

Токму тоа го кажува и Кристен Меклин, извршен директор и индустриски аналитичар во NPD Bookscan. Tаа смета дека профилите на социјалните медиуми кои објавуваат за книги, познати колективно како „букток“ (BookTok) и „букстаграм“ (Bookstagram) – „дефинитивно биле фактор“ во зголемената продажба на книги, вклучително и во пандемијата. Според нивните податоци, во 2021 година, за прв пат продажбата изнесува над 800 милиони единици во САД.

Исто влијание има и ширум светот, во Европа, каде се забележува пораст на продажбите на книги за 6 проценти по 2021 година, а во Македонија се забележува зголемен број на преведени книги кои во скоро време се наоѓаат на листата бестселери.

Кај нас има неколку профили со голем број следбеници кои активно прават содржини за љубителите на книги вклучувајќи рецензии, подарувања и соработки со издавачки куќи.

Едни од најследените кај нас се @bibliophiles­­___  и @bookreaders_community на инстаграм. Мета.мк разговараше за активностите на нивните профили и влијанието на бранот за содржини за книги на интернетот врз луѓето.

Социјалните мрежи влијаат на позитивни промени кај луѓето, како што е зголемување на желбата за читање

Сопсптвеничката на bibliophiles___ , Билјана, вели дека идејата за почеток на профилот дошла случајно, и била изведена од неа и нејзина другарка уште во 2019 година. Денес профилот е воден само од Билјана.

„Мотивација имавме уште од првиот ден, сакавме да ја искажеме нашата љубов кон книгите и пишаниот збор, да запознаеме други читатели, да им препорачаме книги кои нас ни се допаднале, да разговараме за промоции на книги, новитети и буквално се што е поврзано со книги“, вели таа.

Додава и дека за време на пандемијата и по неа, бројот млади кои читаат е зголемен, а истото може да се должи на ограничените можности за забава, но и маркетингот на социјалните мрежи.

„Особено социјалната мрежа ТикТок направи „бум“ и придонесе да се преведат многу книги кај нас во Македонија кои во светот се најчитани бестселери. Кога зад една книга се крева многу прашина, и истата е читана и препорачувана низ целиот свет, тоа дополнително влијае врз личноста што ја тера да ја прочита книгата и да види зошто толку многу е зборувана“, раскажува Билјана.

Понатаму, таа вели дека забележува и нејзини блиски кои почнуваат да читаат.

„Без да им вршам притисок, од самото тоа што ги гледаа моите постови на профилот, мојата домашната библиотека и ретките разговори за книги коишто ги водевме, а притоа мене очите ми светкаа од изненаденост од нивната заинтересираност, придонесе самите да посакаат да го запознаат мојот свет на книги и да ја почувствуваат магијата на пишаниот збор. Затоа можам да кажам дека дефинитивно социјалните мрежи можат многу да влијаат на позитивни промени кај луѓето“, раскажува сопственичката на профилот.

Моментално таа објавува серијал фотографии инспирирани од ликови и корици на книгите, а активно соработува и со неколку издавачки куќи.

За време на предновогодишната еуфорија имаше организирано и дарувања на книги.

„Организирам предновогодишни дарувања и соработки и на тој начин сакам да ги израдувам читателите со книги бидејќи за мене, подобар подарок за Божиќ од книга не постои“.

Соединување на три света

Од bookreaders_community велат дека профилот го почнале по долгогодишна љубов за книги и читање и имале за цел да промовираат наслови кои им оставиле добар впечаток. Тие сметаат дека е мотивирачки да се прочита книга кога некој споделува слики и рецензии од истата.

„Овде соединуваме три света, светот на пишувањето преку рецензии на книги, светот на фотографијата преку интересни и убави слики и светот на читањето книги како хоби“, велат оттаму и додаваат и дека нивна цел е да привлечат читатели и да покажат што нуди светот на книжевноста.

Во врска со феноменот „буктот“ кој се здоби со популарност за време на пандемијата, велат дека е доста заслужен за откривање на љубовта за читање кај младите.

„Во тој период беа познати повеќе странски книги на англиски јазик и тоа ги поттикна младите да истражат каде кај нас би можеле да ги најдат, и дали случајно има македонски превод. По природен пат почнаа да пронаоѓаат и други со интересни содржини“, велат од bookreaders_community.

Иако имало многу фактори за популарноста на книгите, додаваат дека не може да се изостават социјалните мрежи кои ја одиграа најважната улога за младите генерации, кои се израснати со интернетот.

За креаторите на bookreaders_community најисполнувачки аспект од водење на ваков профил е што имаат заедница од 10.000 следбеници кои даваат важност на нивното мислење и водат до пријателства, а и фактот што хобито им е споено со професијата.

„Најмногу нѐ исполнува тоа што постојано сме во контакт со луѓе кои го сакаат истото како нас, размената на мислења за книги, но особено нè радува што растеме како заедница,“ изјавија тие.

Доказ за влијанието на содржини за книги на интернетот е виралниот роман со фантастична содржина „Fourth Wing“ кој популарноста ја здоби на ТикТок кратко по неговото издавање, а во 2023 година помина 34 недели на листата бестселери на Њујорк Тајмс.

Дополнително, со помош на интернетот се промовира и читање на самоиздадени автори, а не само оние кои се подржани од издавачки куќи. Ова се случува откако самоиздадената книга на Оливиа Блејк насловена „The Atlas six,“ доби внимание на социјалните мрежи Твитер и Инстаграм, па беше издадена и од една од најголемите издавачки куќи а моментално се спрема и ТВ серија од истата.

Можеби најинтересно за оваа појава е што меѓу најпродавани книги денес се книги кои биле издадени пред цела декада, но дури сега забележуваат пораст во продажба токму поради објавите од профили за книги. Пример е „Ахиловата песна” од Маделин Милер, која денес има превод и на македонски јазик. Таа е издадена во 2011 година, но најголема продажба остварува по 2021 година, а денес книгата има продадено 2 милиони копии во Америка.

Ова ни укажува на популарноста и важноста на интернет содржините за книги, кои формираат заедници каде луѓето ја изразуваат љубовта кон литературата a воедно им помагаат и ги мотивираат авторите низ фејсбук групи, инстаграм профили и ТикТок видеа. Ваквите содржини се комбинација на традиционалното и модерното кој на еден читател цели да му пружи заедница.