Нова епизода на „Шорткат“: Расте интересот кај младите да бидат оџачари

Расте интересот кај младите за да бидат оџачари. Како изгледа чистењето оџаци на терен и какво е искуството што го стекнуваат учениците преку неформалното образование дознаваме во новата епизода на „Шорткат“, каде, покрај учениците кои се дел од обуките, зборува и единствената дипломирана оџачарка во земјава – професорката Јасмина Атанасова Симјановска и претседателот на Оџачарската комора во Баварија, Германија, Хајнц Нидер.

Информираме за почетокот на глобалниот климатски самит КОП27 во Египет, а на тема екологија ја носиме и веста за иновативните решенија против аерозагадување кои ги развиваат ученици од неколку средни училишта во земјава.

И во оваа епизода обработуваме теми кои ги засегаат студентите – се подготвуваат измени на Законот за високо образование, а Универзитетското студентско собрание на УКИМ објави повик до студентите да пријават свои научни проекти и трудови.

Тука се и вестите за Младиот отворен театар, промените на Твитер кои доаѓаат по преземањето на платформата од страна на милијардерот Илон Маск, а ќе погледнеме и како изгледа нашата планета – ни помалку, ни повеќе – од Сатурн.

Новата епизода на „Шорткат“ доаѓа вечерва во 19:00 часот на Инстаграм, Фејсбук и Јутјуб.