Ниту еден од поканетите лидери на албанските политички партии не дојде на средбата кај Ахмети

Али Ахмети на средбата не ги дочека лидерите на останатите албански партии | Фото: Арбнора Мемети

Поканата на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, лидерите на албанските политички партии да ја одбележат со заедничка средба 19-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, беше неуспешна, бидејќи не се појави ниту еден лидер на албанските партии што влегоа во новиот состав на парламентот. Али Ахмети со Теута Арифи и Артан Груби во хотелот „Парк“ во Скопје беа само со новинарите.

Ахмети рече дека е разочаран што неговите колеги не одговориле на неговата покана. Во изјава за медиумите рече дека на 19-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор сакал да им се заблагодари на партиите за досегашните заеднички достигнувања, но и да ги повика да преземат одговорност за како што рече, „сето тоа што е пред нас и за што се очекува решение од наша страна, од сите нас кои баравме поддршка од граѓаните“.

Кампањата за парламентарните избори ја одбележаа остри критики кон ДУИ и Ахмети од Алијанса за Албанците и Алтернатива.

На прашање дали ДУИ ќе оди во опозиција ако не добие премиер-Албанец, Ахмети рече дека не може да се суди однапред за резултатот на преговорите.

Инаку, претседателот на СДСМ, Зоран Заев, откако го доби мандатот за состав на нова влада од претседателот на државата, Стево Пендаровски, рече дека денеска повторно ќе се сретне со Ахмети. Нивните досегашни преговори беа без јасен резултат.